Градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција ги соопшти плановите на Град Скопје за реконструкција на објектот на Универзалната сала.
– По усвојувањето на ребалансот на Буџетот за 2020 година од страна на парламентарното мнозинство на предлог на Владата, се отвори можноста за финансирање на 19 капитални инвестиции во повеќе општини ширум државата. Три од нив се однесуваат на капитални инвестиции на Град Скопје. За реконструкција на Универзална сала се предвидени 120 милиони денари буџетски средства. Верувам дека сите сме согласни дека Универзалната сала е омилената културна институција на многу скопјани, а за многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан, што ја прави нејзината реконструкција повеќе од неопходна. Со обезбедувањето на буџетските средства конечно се создадени услови за отпочнување на целосна реконструкција на објектот на Универзалната сала, во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје – рече денеска Шилегов.
Тој објасни дека Градот Скопје на овој чекор се одлучи по широката поддршка од јавноста за идејата Универзална сала да се сочува во постојната форма, на постојната локација, што не значи дека Градот се откажува од идејата за нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, на друга соодветна локација, согласно со потребните стандарди за непречена организација на големи културни и друг вид настани.
– На јавноста и е познато дека за реконструкцијата на Универзална сала постоеја неколку несоодветни проекти изработени по налог на претходните градоначалници коишто од една страна беа прескапи за изведба, а од друга страна не ги задоволуваа потребните просторни капацитети. Реконструкцијата на Универзална сала по проект којшто ќе ја задржи постојната големина и облик е оптимално и единствено разумно решение за повторно ставање во функција на овој објект. Со оваа реконструкција ја исполнуваме и спроведуваме на дело волјата на граѓаните во однос на Универзалната сала, но истовремено мора да нагласиме дека оваа реконструкција не ги задоволува среднорочните и долгорочните потреби за културата во градот. Изградбата на нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, со обезбеден паркинг и соодветно сообраќајно решение за пристап до салата, и ред други просторни и технички стандарди за ваков тип на објекти е нешто што мора да му се случи на Скопје час поскоро. Убеден сум дека наскоро и за тоа ќе успееме да обезбедиме средства и дека изградбата на ваква нова сала, по реконструкцијата на Универзална, ќе биде наш влог во проектот Европска престолнина на културата во 2028 – нагласи Шилегов.
Град Скопје како институција, рече тој, игра сериозна улога во развојот на културата во нашиот град и додаде дека е убеден дека со конкретните чекори кои се преземаат и со поддршката од Владата, стануваме светол пример во регионот. На настанот присуствуаа и се обратија Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и Ирена Стефоска, министерка за култура.