Решавањето на едно спорно прашање меѓу земја-членка на ЕУ и земја-кандидат, секако, ќе придонесе за зголемување на лидерскиот и обединувачки авторитет на Германија во Унијата. Германија е свесна дека покрај економската сила, на ЕУ ѝ е потребна и сила за политичко влијание во светските процеси, што објективно
сега ја нема, вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов
Наоѓање решение за македонско-бугарскиот спор од страна на претседавачот на ЕУ ќе биде потврда за лидерството на Германија во ЕУ
Бугарскиот забревтан политички ангажман за блокирање на македонските евроинтеграции, можеби за Македонија и не беше толку неочекуван момент со оглед на децениски лицемерната политика кон Македонија од страна на длабоката бугарска држава. А кога се потпиша Договорот за добрососедство, во македонската јавност се анализираше неговата асиметричност, а од поискусни политичари и дипломати се изразуваше сомнеж во искреноста на поддршката од Бугарија за македонските евроинтеграции.
Иако сите ги забележија недоследностите и поставените замки од бугарска страна во договорот, повеќе се сакаше да се верува во добрата волја и во духот на добрососедството. Тоа го изрази и македонската страна, но во тоа длабоко веруваше и ЕУ.
Меѓутоа, сегашните постапки и барања од Бугарија со својата ирационалност се чини дека беа неочекувани и неразбирливи за другите земји-членки на ЕУ, кои на 10 ноември, на Советот на министри за надворешни работи, треба да се изјаснат за усвојување на преговарачката рамка за Македонија во декември да ја реализира првата меѓувладина конференција.
Изненадувањето на ЕУ од бугарските уцени за Македонија со историско-идентитетска предумисла, освен што се оценети како анахрони и непримерни за 21 век, од друга страна се должи и на фактот што Бугарија не ги имаше изнесено ваквите побарувања пред приемот на земјава во НАТО. Сепак, и покрај настојувањата на Бугарија своите уцени да ги прикаже пред ЕУ како билатерален проблем предизвикан од неспроведувањето на Договорот за добрососедство од страна на Македонија, на Германија, како актуелен претседавач на ЕУ, се чини дека ѝ стана јасно дека условувањето на една земја-членка спрема земја-кандидат пред започнување на преговори, секако, се претвора и во проблем на Унијата.
Настојувањето билатерални прашања да се наметнат како услов за членство во ЕУ, логично стануваат и прашања на Унијата. Тоа е една од логичките позиции што ја објаснуваат германската политичка офанзива во настојувањето за надминување на предизвиците за почеток на македонските евроинтеграции во односите меѓу Македонија и Бугарија.
Изминатава седмица највисоките претставници на германската официјална политика беа во интензивна комуникација и со македонската и со бугарската страна. Во понеделникот, на 2 ноември, германските министри за надворешни работи и за Европа, Хајко Мас и Михаел Рот, организираа средба во Берлин меѓу македонските министри за надворешни работи и за евроинтеграции, Бујар Османи и Никола Димитров, и бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева. Резултатот од средбата е минимален напредок, но според изјавите на бугарската министерка (македонската страна се воздржува од изјави и соопштенија), тоа не е доволно за Бугарија да даде поддршка за усвојување на преговарачката рамка за Македонија.
Таквата позиција на бугарската министерка, се чини само ја засили иницијативноста на Германија, па подоцна германскиот претседател Штајнмаер имаше телефонски разговори со бугарскиот претседател Румен Радев и со македонскиот, Стево Пендаровски.
Силината на германската дипломатска офанзива во интерес на надминување на македонско-бугарските недоразбирања беше заокружена со комуникацијата на германската канцеларка Ангела Меркел со премиерите на Бугарија и на Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев. Од „пригодните“ соопштенија по овие комуникации и сѐ уште категоричните изјави на бугарската министерка Захариева, се добива впечаток дека германската мисија на помирување не ги омекнала тврдите ставови на Бугарија. Но и понатаму останува непознато дали можеби германската интервенција на некаков начин придонела можеби за подготвеност за нови отстапки од Македонија во однос на бугарските барања.
– Во актуелнава ситуација на македонско-бугарските односи во контекст на започнување на македонските преговори за членство во ЕУ, очигледно беше дека е потребно да се искористат други дипломатски алатки поврзани со ставовите на Бугарија, која инсистира главните прашања за неа да бидат решени пред усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија. Согледувајќи дека не можеме самите да се договориме, Германија како актуелен претседавач на ЕУ и иницијатор на Берлинскиот процес за Западен Балкан, ја презема обврската за наоѓање решение за пречката што не се најавуваше за македонските евроинтеграции.
Германската политика на сите нивоа се вклучи во надминувањето на овој „ненајавен проблем“, со иницијатива историските прашања од Договорот за добрососедство да се одвојат од политичкиот процес на евроинтегрирањето на Македонија. Мотивите на германското вклучување во овој т.н. билатерален спор се чисто принципиелни, согледувајќи дека во него има потенцијал да го загрози напредокот на Западен Балкан во интегрирањето кон ЕУ – вели македонскиот амбасадор Ѓорѓи Филипов.
Понатаму Филипов, истакнувајќи ги заложбите на германската канцеларка Ангела Меркел за државните интереси на Германија, но и силното чувство за ЕУ, додава дека политичката визија на Германија е мир и решени спорни прашања во Европа.
– Решавањето на едно спорно прашање меѓу земја-членка на ЕУ и земја-кандидат, секако, ќе придонесе за зголемување на лидерскиот и обединувачки авторитет на Германија во Унијата. Германија е свесна дека покрај економската сила, на ЕУ ѝ е потребна и сила за политичко влијание во светските процеси, што објективно, сега ја нема. По излегувањето на Велика Британија од ЕУ, Унијата со 600 милиони жители има само една земја-претставник (Франција) во Советот за безбедност на ОН.
Интерес на Германија и на ЕУ е да партиципира со економско и политичко учество во интегративните процеси во регионот на Западен Балкан, со што би демонстрирала и одредена геополитичка моќ. Освен тоа, Германците од својата сопствена историја и самите знаат колку се важни добрососедските односи. Токму затоа, во интерес на ЕУ, за десетина години ги решија проблемите со соседите – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов.