ТЕНИС
Со триумфот во Виена Рублев си обезбеди деби на завршниот мастерс

Рускиот тенисер Андреј Рублев е победник на АТП-турнирот од серијата 500, во главниот град на Австрија, Виена. Во финалето Рублев без загубен сервис славеше над Италијанецот Лоренцо Сонега (6-4, 6-4) за кого ова беше втор настап во АТП-финале во кариерата, по минатогодишната победа на турнирот во Анталија.
За 23-годишниот Рублев ова е седма АТП-титула во кариерата, а петта годинава. Со освојувањето на турнирот во Виена, првпат во својата кариера тој обезбеди пласман на завршниот мастерс-турнир (турнир на кој играат осумте највисокорангирани тенисери во една година), кој треба да се одржи во Лондон, од 15 до 22 ноември. Право на настап во Лондон обезбедија и Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Доминик Тим, Данил Медведев, Стефанос Циципас и Александер Зверев и остана уште едно место. Та.Д.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Тур де Франс в година ќе се вози порано за да не се совпадне со ЛОИ

Организаторите на легендарната велосипедска трка Тур де Франс ја објавија трасата за 108-то издание што треба да се вози од 26 јуни до 18 јули 2021 година. Тринеделната трка ќе содржи 21 етапа и е преместена една недела порано поради одложените Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио, така што ќе останат шест дена помеѓу крајот на Тур и почетокот на олимписката машка велосипедска трка. Почетокот на Тур, планиран во Копенхаген (Данска), е преместен во западниот француски регион Бретања, каде што ќе се возат првите четири етапи.
Годинашниот Тур поради пандемијата на коронавирусот се возеше на крајот на август и во септември, наместо, како што е вообичаено, во јули. Тадеј Погачар (21) стана првиот словенечки победник и втор најмлад шампион во историјата на трката. Тур 2021 вклучува три завршувања на етапи на планинските врвови и две индивидуални етапи на хронометар. Трката предвидува и две искачувања на „иконскиот“ Мон Венту во еден ден, првпат по 2016 година. Л.Д.