Промоција на новата поетска книга од Владимир Мартиновски „101 сонет од една чудна пролет“ ќе се одржи в четврток (28 октомври) во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.
Разговорот со авторот ќе го води Николина Андова – Шопова.
– 101 сонет од една чудна пролет е несекојдневна збирка песни за песните, поезија заседната дома, во поетскиот занает. Преклопувањето на карантинот на луѓето (поетот) со карантинот на поезијата (автореференцијалната песна) се творечкото кредо на оваа збирка. Таа е претворање на врвното непоетско околу нас во врвно поетско за нас и во нас; вистински дар, најубавото лице на долгото седење дома пролетта на 2020 година. Сонетите не се непознати за поетското творештво на Мартиновски, но, сепак, цела збирка исклучиво со толкав голем и провокативен број сонети е вистински подвиг. Најзабележлива карактеристика на збиркава е удвоеноста на песните, спарувањето, дихотомноста. Речиси сите песни имаат свој парник, најчесто контрастен или само огледално обратен, утешителен или ризичен… Независно каков е односот на сонетите во диптисите, сметам дека најважното е тоа што секој сонет сам по себе функционира како грамофонска сингл-плоча со А и Б страна. Тоа е многу повеќе од поетски (и музички) шарм, тоа е апотеоза на дуалноста, на двете лица на секое нешто, на денот и ноќта, на лошото и доброто…- истакнува во поговорот на книгата Оливера Ќорвезироска.
Книгата е во издание на „Кликер“.
Владимир Мартиновски (1974) пишува поезија, проза, есеи и книжевна критика. Автор е на десетина книги поезија, исто толку книжевно-есеистички книги, четири книги куси прози и раскази, како и на две книги за деца. Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици. Добитник е на неколку книжевни награди. Се занимава и со музика.
Настанот ќе биде реализиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.