Комисијата за заразни болести ја разгледува одлуката граѓаните да можат да се тестираат за ковид-19 во приватните лаборатории, а на сметка на Фондот за здравствено осигурување. Но, како што рече министерот за здравство Венко Филипче, првично ќе се зголеми бројот на тестови во државните лаборатории, за дополнително 350 тестови дневно, ангажирани се поголем број лаборанти, па така, според него, ќе се забрзала и процедурата за тестирање.
Со ова, според Филипче, ќе можат да се прават и по 2.000 тестови дневно.
– Отвораме нови простории утре наутро, во кое ќе имаме лаборанти и ќе ја забрзаме процедурата за правење тестови. Ние се припремавме во текот на целиот викенд, тестови има, лаборанти има, дијагностиката ќе се прави во Институтот за јавно здравје, работиме и прва и втора смена, до 20 часот навечер. Ќе има додатни термини што ќе се прави преку „Мој термин“. Народот прави грешка што доаѓа во 8 сабајле и одма сакаат да бидат тестирани, затоа се создаваат гужви – рече д-р Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести.
Во текот на неделата, најверојатно ќе бидат достапни и брзите рапид-тестови, каде што резултатот би бил готов за петнаесетина минути.
Од утре, соопшти министерот за здравство, ќе се прават дополнителни 150 тестови во Институтот за јавно здравје, дополнителни 100 теста во Центарот за јавно здравје и 100 уште во лабораторијата во Козле.
– Ја разгледувавме и опцијата да се прават тестови преку Фондот во приватните лаборатории. Мислам дека прашањето ќе го заокружиме до крајот на неделата. Ако утврдиме дека тоа значајно ќе го олесни пристапот на граѓаните, тогаш ќе се дозволи по референтната цена на Фондот да се користат ресурите на приватните лаборатории. До крајот на неделата ќе донесеме одлука – рече Филипче.
До пред два дена во државава биле направени 235.038 тестови, од кои 110.910 се направени во приватните лаборатории – Авицена, Биотек, Лаор, Синлаб, Жан Митрев и во Систина. Ова практично значи дека 47 отсто, односно речиси половината од тестовите за ковид-19 граѓаните ги прават во приватните лаборатории и за нив плаќаат приватно.