АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ПОЧНА СЕЗОНАТА ВО СВЕТСКИОТ КУП

Италијанските скијачки забележаа т.н. еден-два победа (пласман на првите две места) во велеслаломската трка, на отворањето на сезоната во австрискиот зимски центар Зелден, викендов. Најбрза беше Марта Басино, за неа втор триумф во кариерата во Светскиот куп (СК), пред ланската победничка во вкупниот пласман, Федерика Брињоне, која задоцни 14 стотинки, и пред Петра Влхова од Словачка. За Брињоне тоа беше 40-то искачување на победничкиот подиум во СК, а за Италија прв еден-два триумф во Зелден, пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Среќна сум поради ваквиот почеток на сезоната. Навистина беше совршено. Ние сме совршена двојка, имаме одличен тим, работевме многу добро летово и мислам дека ова е резултатот на тоа – изјави Басино.
Обично, многу италијански навивачи патуваат за Зелден, во Тиролските Алпи, за да го видат почетокот на сезоната, но овој пат немаше гледачи околу патеката, како една од мерките на претпазливост во услови на пандемија на ковид-19.

– Се чувствував навистина чудно. За мене, Зелден е со многу врева, со многу луѓе наоколу, сите се возбудени. Но ова е компромисот за да се почне сезоната и мислам дека е во ред – изјави Брињоне, првата победничка од Италија во вкупен пласман во СК.
Ланската победничка, Алис Робинсон од Нов Зеланд, направи грешка во второто возење и го освои 12-то место. Трикратната шампионка во генерален пласман, Американката Микаела Шифрин, која победи во Зелден во 2014 година, не настапи поради повредата на грбот. Вчера на програмата беше трката за мажи.