Во 1897 година, американскиот писател Марк Твен во писмо до новинар во Лондон напиша „веста за мојата смрт беше преувеличена“. Истото се однесува и на неодамнешните тврдења за „смртта“ на тенкот и на оклопните возила поврзани со војната помеѓу Азербејџан и Ерменија, пишува „Форин полиси“.
Преувеличените тврдења од двете страни во конфликтот за Нагорно-Карабах ја отворија темата за наводната „пропаст“ на тенковите. Боиштето на социјалните мрежи е жестоко оспорувано од завојуваните соседи, додека и едните и другите објавуваат видеа од уништувањето на противничките оклопни оружја. Ова би биле неверојатни информации, ако беа точни. Ерменија тврдеше дека нејзините сили уништиле дивизија на тенкови, додека Азербејџан истакна исто такво тврдење за уништените непријателски тенкови и оклопни возила.
Гласината која создаде приказни за смртта на Марк Твен потекна од болеста на негов роднина од Англија. Сега се јавија сличности помеѓу неа и војната на Кавказот. Двете страни користат бројни дигитални содржини за поддржување на нивните неверојатни тврдења за уништените непријателски возила во битката, кои пак укажуваат дека тенковите и оклопните возила станаа неупотребливи на модерното бојно поле на кое главна улога имаат дроновите. Тоа тврдење е погрешно, наведува „Форин полиси“. Тенковите можат да бидат уништени, но борбите за Нагорно-Карабах не нудат докази за нивната пропаст. Клучни за прашањето се три елементи на бојното поле – обука, терен и тактика, како и лажната претпоставка дека новата технологија на беспилотни летала ги прави оклопните возила неупотребливи.
Објавите во локалните медиуми се бесмислени и повеќе потсетуваат тврдења од Втората светска војна, според бројките. Таму се тврди дека Ерменија уништила 137 противнички оклопни возила, а Азербејџан 130 во првите 10 дена од конфликтот. Тоа е неверојатен процент во однос на капацитетите со кои располагаат двете страни. Азербејџан веројатно имаше помеѓу 500 и 600 тенкови пред тековните борби, а Ерменија исто така неколку стотици тенкови.
Војната за Нагорно-Карабах не е доказ за смртта на оклопните возила. Таа само покажува две недоволно обучени и екипирани воени сили кои неспретно се оставија изложени на боиштето, а претставува сведок и за моќта на брзо произведените видео-снимки кои изнесуваат преувеличени тврдења во добата на социјалните медиуми, се заклучува во анализата на американскиот магазин.