РАКОМЕТ
Европското првенство за ракометарки, што од 3 до 20 декември треба да се игра во Норвешка и во Данска ќе биде прво на кое мечевите ќе бидат водени само од судијки. Европската ракометна федерација (ЕХФ) изминативе неколку години интензивно им даваше шанса на судијките во мечевите од европските купови и во машка и во женска конкуренција, за конечно да дојдат до посакуваниот момент, на женското ЕП да судат само женски судиски двојки.
ЕХФ за 14-то издание на ЕП номинира 10 двојки, меѓу кои најпознати се француските сестри Шарлот и Жули Бонавентура, кои повеќе од десет години делат правда на мечевите од ЛШ во машка и во женска конкуренција, како и на ЕП, СП во двете конкуренции и на Летните олимписки игри во Рио во 2016 година.
Меѓу номинираните судиски двојки, свои претставници на ЕП 2020 ќе имаат Австрија, БиХ, Данска, Франција, Грција, Црна Гора, Португалија, Романија, Русија и Србија.