„Народ што истрпи петвековно ропство, кој се ослободи од фенерскиот духовен гнет, кој ја разурна Турската Империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ, кој четири децении се бори со извонредна посветеност, не може по никаква цена да ја направи таа жртва“
Во овој момент еден од најголемите проблеми со кои се соочува македонското општество се бугарските уцени и закани во однос на македонската историја и јазик, а проблемот од билатерален се претвори во мултилатерален кога дискусиите се пренесоа внатре во Европската Унија. Во овој контекст имав интимен разговор со еден близок пријател, кој ми одговори: „Подготви се, создава нова нација!“ Кога запрашав дали би ми дозволил да пишувам дека се создава нова нација, бидејќи тоа беше негова теза, го добив следниот одговор: „Ми ја украдоа нацијата, та за тезата не правам проблем!“ Далеку од тоа да прифаќаме дека постои светски заговор против македонскиот народ, но мислата дека се создаваат услови за оформување нова нација во „Северна“ Македонија не е далеку од вистината, ако се земат предвид случувањата во последните години.
Не постои поголема апсурдност од докажувањето дали македонскиот јазик е македонски или дали Гоце Делчев бил Македонец, но не смее да се заборави дека влогот е многу поголем отколку што се чини на прв поглед. Низ годините никогаш не сум пронашол задоволителен одговор на прашањето што е нацијата. Меѓутоа најблиску до овој одговор е концептот за „замислена заедница“ формулиран од Бенедикт Андерсон.
Според овој автор, нацијата е замислена бидејќи припадниците дури и на најмалата нација нема никогаш да ги запознаат повеќето од своите сонародници, да ги сретнат или барем да слушнат за нив, иако во свеста на секој од нив живее сликата за нивното заедништво. Со други зборови, сликата за заедништво се создава преку заедничката татковина, јазикот, обичаите, културата, историјата, заедничките херои итн. Притоа треба да се внимава дека не станува збор за замислување туку за идентификација врз основа на одредени заеднички општи карактеристики.
Бенедикт исто така вели дека „фотографијата, убавиот плод на времето на механичката репродукција, е само најбеспоговорната од огромната модерна акумулација на документирани докази (изводи за родените, дневници, свидителства, писма, здравствени картони и слично), која симултано бележи некој видлив континуитет и го нагласува неговото губење од меморијата. Од ова оддалечување произлегува една концепција за персоналноста, идентитетот…, која, бидејќи не може да биде запаметена, мора да биде раскажана.“ Според Бенедикт, приказните, романите, весниците итн., „нивната рамка е историска, а нивниот амбиент социолошки. Токму поради ова толку многу автобиографии почнуваат со околностите на родителите и бабите и дедовците, за што автобиографот може да има само пригоден, текстуален доказ, и поради тоа биографот се мачи да ги забележи календарските датуми…“
Секое признавање дека Гоце Делчев е Бугарин и дека има историско значење за бугарскиот народ е сквернавење на вековната борба на неколку македонски генерации. Не случајно Христо Татарчев вели: „Народ што истрпи петвековно ропство, кој се ослободи од фенерскиот духовен гнет, кој што ја разурна Турската Империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ, кој четири децении се бори со извонредна посветеност, не може по никаква цена да ја направи таа жртва.“
Не смееме да заборавиме дека во суштина полемиката не се води дали Гоце Делчев бил Бугарин или не. Станува збор за систематско сакатење на македонската нација. Зошто? Македонската нација веќе е осакатена со промената на името и тука најголемиот проблем произлегува од формулацијата на името на државата, бидејќи од Северна Македонија може да се извлече називот на нацијата – северномакедонци, со што се исклучуваат другите припадници на македонската нација што живеат во соседните држави. Многу поинаку ќе беше доколку Северна стоеше пред Република Македонија, бидејќи од сложеноста на Северна Република Македонија не може да се извлече називот на нацијата. Но да го оставиме ова прашање и да се соочиме со сегашниот предизвик.
Бугарската држава, водена од своите националистички стремежи, се обидува да нѐ натера да се откажеме од македонштината што се создаде од особеностите на Македонија и македонскиот народ – јазик, обичаи, култура, историја и сѐ така до бескрај! Доколку некому не му е јасно за што станува збор, тогаш мора да појасниме дека Бугарија негира секакво постоење на одделни и специфични македонски особености. Доколку се откажеме од Гоце Делчев, тогаш ќе станеме нација без автобиографија, која започнува со нашите родителите, баби и дедовци, со што се создава нова северномакедонска нација, која нема отворени проблеми со соседите, туку нација без свое минато – го губиме континуитетот за кој говори Бенедикт Андерсон. Откажувањето од македонската историја води кон сакатење на македонската нација, бидејќи македонските историски херои ќе ги признаеме како наследство на друга нација.