Викендов, најверојатно ќе се одржи воена парада во Северна Кореја, по повод 75-годишнината од основањето на владејачката Работничка партија, соопштија јужнокорејските воени претставници.
– Подготовките за парадата се во завршна фаза – изјави воен извор.
Јужнокорејските власти претходно оваа недела изјавија дека очекуваат да биде претставено стратешко оружје на парадата.
– Постои можност Северна Кореја да претстави ново стратешко оружје, како што е интерконтиненталната балистичка ракета или балистичката ракета за подморници – рече јужнокорејскиот министер за обединување Ли Ин-јунг, додавајќи дека тоа може да биде демонстрација со помал интензитет, пренесува „Ројтерс“.
Државните медиуми објавија дека луѓето со заштитни маски на лицето се собрале на плоштадот Пјонгјанг во пресрет на големата воена парада. Се додава дека лидерот на Северна Кореја не презентирал ново оружје на парада од средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година, но оттогаш преговорите се во застој.
Агенциите известуваат дека високи севернокорејски власти утрово го посетиле мавзолејот во кој се погребани лидерите на таа земја, но дека Ким не е меѓу нив и дека во негово име е оставена корпа со цвеќе на гробовите на неговиот татко и дедо Ким Јонг-ил и Ким Ил-сунг.
Се додава дека е невообичаено Ким да не дојде во мавзолејот на годишнината од основањето на партијата.