Аналитичари на ММФ укажуваат дека периодот на пандемија и на намалени економски активности треба да се искористи за обнова и изградба на патишта, мостови, водоводни системи, канализации, инвестиции во здравството…
Според експертите на Меѓународниот монетарен фонд
Јавните инвестиции може да ја поттикнат економијата и да помогнат за нејзино заживување, особено сега, во екот на пандемијата на коронавирусот, која предизвика вистински здравствен и економски колапс. Ова го посочуваат експертите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Виктор Гаспар, Паоло Мауро, Кетрин Патило и Рафаел Еспиноза, кои додаваат дека во согласност со направените анализи, зголемувањето на јавните инвестиции во пазарните економии може да создаде милиони работни места на краток рок, но и да резултира за значителни ефекти индиректно и на подолг рок.
– Зголемувањето на јавните инвестиции за еден процент од БДП може да ја зајакне довербата во закрепнувањето и да го зајакне БДП за 2,7 проценти, приватните инвестиции за 10 проценти и вработувањето за 1,2 процент доколку инвестициите се со висок квалитет – пишуваат авторите во текстот објавен од ММФ.
Меѓу другото, во текстот се истакнува дека инвестициите пред пандемијата биле слаби и дека овој период треба да се искористи за обнова на патишта и на мостови, но и за инвестиции во водоводни системи, канализации и во зајакнување на здравствениот систем.
– Сега итно се потребни инвестиции во секторите што се клучни за контрола на пандемијата, како што се здравствената заштита, училиштата, безбедните згради, безбедниот транспорт и дигиталната инфраструктура. Приватниот сектор е во режим на чекање, а многу луѓе се невработени и може да прифатат работни места создадени преку јавни инвестиции – се посочува во анализата.
Со ребалансот на буџетот се кратат средствата за јавните инвестиции
Во Македонија, поради пандемијата, Владата се реши на нов ребаланс на буџетот, при што беше посочено дека дел од планираните средства за јавни инвестиции ќе биде скратен, за да се издвојат средства за спас на компаниите. Како што објасни министерот за финансии Фатмир Бесими, кратења има кај расходите за стоки и услуги во висина од една милијарда денари, кај капиталните проекти 1,2 милијарда денари. Тој објасни дека има кратење на парите за градење основни училишта што не може да се реализираат до крајот на годината, но и кратење на средствата за проекти за водоснабдување, за железница, културни објекти… Бесими истакна дека кратењата се прават за да се одвојат средства за поддршка на приватниот сектор.
– Средствата се распределени во буџетите на соодветните министерства и институции надлежни за имплементација на владините мерки преку посебна владина потпрограма П1-мерки за справување со кризата од ковид-19. За финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор се предвидени 70 милиони евра, за домашна платежна картичка за ранливи категории од ковид-19 се предвидени 27 милиони евра, за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња 6,7 милиони евра, за поддршка на дејноста туристички водич 160 илјади евра, за враќање на туристичката такса за 2019 година, за остварени ноќевања 2 милиони евра, за македонски викенд-шопинг без ДДВ 17 милиони евра, за државна гарантна шема и царинска гаранција преку Развојната банка 13 милиони евра и за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби 5,5 милиони евра – објасни министерот за финансии.
Може ли јавните инвестиции да одиграат централна улога во обновата на економијата?
Од друга страна, ММФ укажува дека токму јавните инвестиции може да играат централна улога во обновувањето, со потенцијал да се генерираат меѓу 2 и 8 работни места за секој милион долари потрошени на традиционална инфраструктура и помеѓу 5 и 14 работни места за секој милион потрошени на истражување и развој, обновлива енергија или, пак, на енергетско ефикасни згради. Сепак, оттаму појаснуваат дека за инвестициски проекти е потребно време за реализација, за побрзо создавање работни места земјите треба да го зголемат одржувањето на инфраструктурата. Истакнато е дека во овој период треба да почне реализација на некои одложени инвестиции, или, пак, забрзување на проекти што би требало да се завршат во следниве две години, но паралелно да се прават и нови проекти за јавни инвестиции.
Домашните бизнисмени сметаат дека е важно да се реагира брзо и, иако сметаат дека треба да се реализираат проекти што се ветуваат долги години, сепак, додаваат дека на кратењето гледаат како на неизбежно во ситуацијава.
– Државата треба да биде паметна во креирањето на мерките и во креирањето на една стабилна и одржлива економија. Државата кога инвестира во јавни добра, во јавни капитални објекти, помал е ризикот тие да пропаднат, отколку ако сега некој инвеститор се одлучи да вложи во нов објект во производство што може да пропадне, а со него и доставувачите. Кога се прави инвестиција од јавно добро, која се одржува од јавни приходи, има помал ризик. Но во Македонија, според мое мислење, управувањето со финансии е Рубикова коца, колку пари имаме, колку ќе имаме, колку наплата имаме од услуги, лиценци, даноци… сѐ уште не може точно да се предвидат приходите. При планирањето на буџетот, на приходите во буџетот тоа се прави врз основа на приходите од минатата година, но сега немаме претходно искуство – објаснува Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Тој додава дека, според него, надлежните немаат доволно информации со колку пари располагаат и колку може да очекуваат во следниот период, што претставува кочница за планирање на капиталните инвестиции, и додава дека во согласност со препораките на ММФ сега е паметно да се реализира изградбата на сите долго зборувани автопатишта или, пак, изградбата на железницата.
Сепак, бизнисмените наедно сметаат дека Владата нема голем избор и дека одлуката се носи во насока на спас на стопанството.
– На Владата ѝ фалат пари за помош на стопанството за покривање на штетите од ковид-19 и затоа во моментов ѝ е многу поедноставно да земе од капиталните инвестиции, да ги намали со ребаланс, затоа што е свесна дека нема да може да се реализираат. Сакале или не, подобро е тоа решение отколку парите да останат и да не се искористат, а да се земаат нови кредити за помош на стопанството. Така што ова е зло без кое не се може – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.