Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и министерот на Република Албанија, Бледи Чучи, го потпишаа Договорот за фитосанитарна соработка. Со овој договор Макeдонија и Албанија прават чекор напред во соработката за размена на земјоделски производи.
Хоџа го пофали потпишувањето договорот, кој следи по претходните создадени олеснувања меѓу двете земји за движење на луѓе само со лична карта.
– Тоа е многу важен чекор кон отстранување на бариерите на граничните постојки, особено за производи кои имаат многу краток рок на траење, кои во минатото чекале дури до 48 часа на царински пунктови. По отворањето на границите, како и движењето само со лични карти, ова е следниот чекор, кој е многу важен кон создавање на заеднички пазар и понатаму интеграција на двете земји во Европската унија – рече министерот Арјанит Хоџа.
По потпишувањето, албанскиот министер Чучи оцени дека овој договор е многу важен за создавање на потполно бесплатен коридор за циркулација на земјоделски производи во двете земји и чекор понатаму кон стратешката иницијатива на „Балканскиот Шенген“ за развој на нашиот регион.
– Овој договор овозможува пратката на земјоделските производи што оди од Албанија во Северна Македонија или обратно, да оди слободно, да нема потреба од дополнителни гранични анализи. Фитосанитарниот сертификат на Албанија ќе биде признаен за нашите производи, и за земјоделските производи на Северна Македонија ќе биде признаен фитосанитарниот сертификат на оваа земја – рече албанскиот минисер, Чучи.
За време на состанокот, двајцата министри најавија почеток на разговори за два договори важни за двете земји, Договорот за заедничко одржливо управување со риболов на Охридското Езеро и Голема Преспа, како и Договорот за трговија со добиток и производи од животинско потекло, кои ќе бидат потпишани после финалната дискусија на техничко ниво меѓу страните и финализирање на нацрт-драфтите.