ФУДБАЛ
Дожд од голови во Англија и во Германија

Викендов во некои од најсилните пет домашни европски фудбалски првенства беше забележана ретко видена ефикасност. Во Англија, Франција, Германија, Шпанија и во Италија во некомплетното коло (некои мечеви се играа синоќа, некои се одложени) беа постигнати во просек по 3,28 гола по натпревар.
Предничеше англиската Премиер-лига со 4,88 гола по средба (39 на осум меча, синоќа се играа уште два натпревара од второто коло). Тоа е најефикасниот викенд (мечеви во сабота и во недела) досега во Премиер-лигата (претходниот рекорд беше 4,82 од 1993 година, пишува „Би-би-си“). Во ова коло имаше три меча со по седум гола (двапати 5-2, еднаш 4-3), еден со шест погодока (4-2) итн. Во текот на цело коло, 42-то во 1993 година во Англија има најголем просек, пет гола по средба (55 на 11 меча), објави „Би-би-си“.
Веднаш потоа за средбите викендов е германската Бундес-лига со четири гола по меч (36 на сите девет дуела од првото коло). Во Лига 1 на Франција беа постигнати 2,9 гола на 10-те средби викендов, во шпанската Ла лига точно два по натпревар (треба да се одиграат уште три одложени меча), а во Серија А во Италија 2,17 гола на шесте средби (синоќа се играше уште еден, а одложени се три меча).


ФУДБАЛ
Гледачите условно се вратија на стадионите во Бундес-лигата

Германската фудбалска Бундес-лига повторно е на насловните страници во медиумите низ Европа. Овој пат поради присуството на публика на стадионите викендов, на почетокот од новата домашна сезона, иако во ограничен број. Претходно Бундес-лигата беше прва во Европа што ги продолжи натпреварите во минатата сезона, по долгиот прекин поради пандемијата на ковид-19.
На шест од девет домашни екипи им беше дозволено да имаат симпатизери на првиот натпревар во сезоната, а бројот на гледачи, само на домашниот тим (едно од првите барања на здравствените власти беше само локалните жители да добиваат билети), се движеше од 4.600 до 9.300, со 10-20 отсто од капацитетот на стадионите, колку што одобри Германската фудбалска лига.

Дозволите ги издаваа локалните здравствени канцеларии, со тоа што ако седумдневната стапка на инфекција во одреден град е над 35 на 100.000 жители, тогаш мечот мора да се игра без публика.
Лајпциг беше еден од првите клубови што постигнаа договор со властите. Гледачите за средбата со Мајнц носеа маски, а до билетите дојдоа преку лотарија направена за тие што имаат сезонски билети. Стадионот беше поделен на 15 сектори, во секој по околу 600 гледачи. Најмногу по шест лица можеа да седат едни покрај други, а пет и повеќе места и најмалку два реда беа празни меѓу овие групи за да се обезбеди физичко растојание. Л.Д.


ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА МЛАДИ ВО ШАХ ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ
Доминација на руските претставници

Емил Ристески (ШК Гамбит Асеко СЕЕ) е македонскиот претставник со највисок пласман на Европското првенство (ЕП) за млади во забрзан шах преку интернет, што викендов се играше за возрасните категории до 12, 14, 16 и до 18 години, под покровителство на Европската шаховска унија. Тој настапи во категоријата до 16 години и со пет поени и нови 12,8 рејтинг-поени, беше 36-ти.
Од другите, Антон Златков (Гамбит Асеко СЕЕ) во категоријата до 14 години, исто така, впиша пет поени и беше на 41-то место. Кај девојчињата, најуспешни се Леа Ефтовска (Алкалоид), која со 3,5 поени беше 53-та, и Јана Анѓелкоска (Алкалоид), 54-та со три поени, двете во категоријата до 18 години. Рејтинг-поени освоија уште Моника Жежовска (Гамбит Асеко СЕЕ), 4,6 и Јована Давиткова (Алкалоид), 24,6, кои играа во категоријата до 12 години. Македонија на ЕП настапи со 21 претставник (девет девојчиња и 12 момчиња), во силна конкуренција на над 724 млади шахисти од 39 држави. Учесниците од секоја држава беа сместени на едно место и беа надгледувани од судии и од камери.
На ЕП доминираа шахистите на Русија. Кај момчињата победија во категориите до 14, 16 и до 18 години, а кај девојчињата во категориите до 12, 16 и до 18 години, или вкупно 13 освоија медал. Екипно (се собираа најдобрите четири резултати), кај момчињата прва е Русија (30,5 поени), пред Азербејџан (28) и Германија (26). И кај девојчињата славеше Русија (29), пред Германија (25,5) и Холандија (24,5). Г .И.