Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.
Како што информираат од кабинетот на Џафери, тој потенцирал дека високо ја цени улогата на ОБСЕ во развојот на демократските процеси во земјата, како и континуираната соработка на Собранието.
– Парламентарното собрание на ОБСЕ, во кое активно учествува Собранието на Република Северна Македонија, претставува витална врска меѓу Организацијата и пратениците кои се директно избрани од граѓаните – посочил Џафери.
Амбасадорот Која му го честитал на Џафери повторниот избор за претседател на Собранието и нагласил дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжи да соработува со законодавниот дом во спроведувањето на реформските процеси.
На средбата се разговарало и за приоритетите во работата на Собранието, односно потребата за донесување на реформски закони во пресрет на меѓувладината конференција за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, потребата за повторно разгледување на законот против дискриминација, за потврдување на одлуките за вонредна состојба и за измени на Деловникот согласно договореното преку Дијалогот Жан Моне.
Соговорниците ја споменале и неопходноста од овозможување на алтернативно работење на Собранието во услови на пандемија или други непредвидливи состојби.