Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 31 август до 6 септември 2020, тестирани се вкупно 9.734 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на САРС-ЦоВ-2, 2,1 отсто помалку во однос на минатата недела.
Регистрирани се вкупно 790 нови позитивни случаи од 32 градови во државата и зголемување од 18,9 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (н=221; 28%). Во истиот период, во 17 града, бројот на новодијагностицирани е под 20.
Процентот на позитивни случаи од тестирани изнесува 8,1 отсто, што претставува зголемување од 1,4 проценти во однос на претходната недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30-39 и над 60 години со 174 (22%) и 172 (21,8%) позитивни, соодветно. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасната група од 40-49 (н=134; 17,0%), 50-59 (н=129; 16,3%) и 20-29 (н=118; 14,9%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (н=22;2,8%) и 10-19 години (н=40; 5,1%).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (н=756; 95,7%), регистрирани се 132 (16,7%) хоспитализирани (зголемување од 85,9% во споредба со минатата недела), а кај 219 (29%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број на нови случаи, 237 (31,3%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 29 лица со историја на патување (во последни 14 дена).
По добиени 2 негативни теста за присуство на САРС-ЦоВ-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.052 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Пријавени се 20 смртни случаи од 13 градови што претставува намалување од 42,9% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 16 лица биле над 60 години, по 2 на возраст од 50-59 и 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години. Од починатите 15 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 17 починати лица.