Отсуството на македонското знаме на протестот на Алијанса на Албанците и Алтернатива беше причина тоа да се протолкува како манифестација на интеретничко партиско ривалство за супремација само над албанското гласачко тело, градење позиција за коалицирање во идната влада, но и израз на игнорирање и непочитување на државата и македонскиот мнозински етнички субјект, како и на другите малцинства во Македонија
Игнорирање на уставните белези на македонската држава
Маршот на коалицијата „Сега е времето“ се случи во понеделникот, на кој Алијанса на Албанците и Алтернатива го изразија револтот поради, како што велеа, кражбата на албанскиот глас од страна на ДИК.
Сепак, она што повторно го активира интересот на целата македонска јавност по маршот на партиите Алијанса на Албанците и Алтернатива е тоа што на протестот не беше забележано ниту едно македонско знаме. Неколку илјади демонстранти носеа албански, американски и знамиња на Европската Унија, но ниту едно државно знаме на Македонија, забележаа активистите на социјалните мрежи. Отсуството на македонското знаме на овој протест беше причина тоа да се протолкува како манифестација на интеретничко партиско ривалство за супремација само над албанското гласачко тело, градење позиција за коалицирање во идната влада, но и израз на игнорирање и непочитување на државата и македонскиот мнозински етнички субјект, како и на другите малцинства во Македонија. Протестот со таква знаменосна иконографија создаде претекст во јавноста тој да биде квалификуван и како националистички, иако мотивот му беше реакција на наводни изборни нерегуларности и деградирање на демократијата.
– И овој протест на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива може да се подведе во контекстот на постизборно маневрирање на албанските партии за учество во идната влада. Очигледно организаторите процениле дека за нивните интереси и обраќањето до нивното гласачко тело сѐ уште е ризично да ја ублажат еднонационалната реторика и хералдиска симболика со употреба и на македонското знаме, плашејќи се дека тоа од нивните ривали во албанскиот кампус ќе биде протолкувано и искористено како слабост и попуштање во заложбите за национално-етничкиот интерес. Таквата иконографија всушност повеќе е порака до ДУИ, отколку до македонската јавност – вели професорот Ферид Мухиќ, кој истакнува дека, според неговите сознанија и комуникација, има основа да верува дека лидерите на оваа коалиција сепак се залагаат „националниот интерес на Албанците во Македонија да го афирмираат во релаксирано граѓанско општество, каде што нема да биде толку важно истакнувањето на таквите национални обележја“.
Но во македонската јавност не беше толку наивно разбран таквиот гест на игнорирање на македонската симболика.
– Се прашувам каде протестираа тие луѓе? Од иконографијата на протестот, во која доминираа албански, американски, европски знамиња, никако не можеше да се добие впечаток дека тие луѓе протестираат за некакви права во државата Македонија… Тоа само го потврдува сознанието дека албанскиот национализам нема крај. Можеби само ќе ги менува формата, актерите и начините за постигнување на целите од својата албанска агенда, но станува јасно дека ќе чекори по трасираниот пат. За жал, на секој во македонското општество што ќе ја забележи и укаже на таквата тенденција му се лепи националистичка етикета. Македонците не се националисти и не сакаат да ускратат нечие право, но сѐ што се раѓа како револт кај нив се создава како реакција токму на ваквите манифестации на исклучиво сопствениот национален (во случајов – албански) интерес – вели професорката Солза Грчева.