Германија победила на сите четири меча со пенал-рулет и промашила само еден од 16-те изведени пенали. Од осминафиналистите на СП 2018 Бразил има однос 3-1, Франција 2-2, Англија 1-3, а Белгија, Русија, Шведска, Уругвај и Хрватска по 1-0 (победи-порази)
Пеналите на завршните турнири на светските првенства (СП) во фудбал беа воведени за СП 1978 во Аргентина, но првпат се изведуваа на СП 1982 во Шпанија, на полуфиналниот натпревар Германија – Франција, 5-4 (3-3). Прв освојувач на титулата светски првак по подоброто изведување пенали во финале беше Бразил во 1994 година во САД, во мечот против Италија, 3-2 (0-0). На СП 2006 во Германија, пак, Италија стана вториот светски првак по подоброто шутирање пенали, победувајќи ја Франција со 5-3 (1-1).
До СП 2018 во завршните турнири победниците на 26 меча беа добиени по шутирањето пенали. На ова СП досега на три од осумте меча во осминафиналето се изведуваа пенали.
Германците, па и Аргентинците се најдобри пеналџии. Германците четири пати победиле на исто толку натпревари, а досега само еден нивни фудбалер, Ули Штилике, на СП 1982, не постигнал гол од пенал. Оттогаш Германците ги погодиле сите 15 удари од белата точка. „Гаучосите“, пак, на четири од петте меча победиле, притоа шутирајќи најмногу пенали, 22, од кои 17 погодиле. Бразилците трипати победиле и еднаш биле поразени во пенал-завршниците. Од осминафиналистите на СП 2018 Бразил има 3-1 (победи-порази), Франција 2-2, Англија 1-3, а Белгија, Русија, Шведска, Уругвај и Хрватска по 1-0.
Статистиките кажуваат дека до ова СП биле шутирани 240 пенали од кои 170 биле погодени или процентуално седум од 10. Голманите одбраниле 49 од 240-те пенали или во просек еден од пет. Тие се рамномерно распоредени, 25 со фрлање на десната, а 24 на левата страна од голот. Фудбалерите 12 пати ја погодиле рамката од голот.
Според „Опта“ (сајт за фудбалска статистика) најпрецизни се шутевите по земја и на левата голманска страна. Најлошата опција е да се бие ниско, по средината на голот, со 58 отстотна успешност. Со најдобар ефект, со над 90-отстотна успешност, биле ударите високо, по средината на голот. Но таквиот начин носи и ризик, топката да заврши во гредата или над голот, како што му се случи на, на пример, Роберто Баџо во финалето на СП 1994.
Шумахер, Гоикочеа и Тафарел
Според статистичките податоци, голмани што најмногу победувале во пенал-серии на светските првенства (СП) во фудбал се Германецот Харалд Шумахер, Аргентинецот Хавиер Гоикочеа и Бразилецот Тафарел, тројцата по двапати. Но од нив само Гоикочеа го направи тоа на едно СП, во 1990 година, а Шумахер и Тафарел по еднаш на два мундијала (Германецот во 1982 и во 1986 година, а Бразилецот во 1994 и во 1998 година). Само Тафарел на тој начин стигна до светската титула, со Бразил во 1994-та.