Фото: Маја Јаневска-Илиева

При самиот влез во оградената, заштитена зона на Стоби, посетителот добива силен впечаток од огромната арена, построена некаде во 2-3 век од новата ера, значи малку подоцна. Официјално градбата е наречена театар, што всушност и навистина бил, огромен, со прекрасна акустика, за повремено да биде и арена за борба на гладијатори и борба со животни

Репортажа

На само стотина километри јужно од Скопје, на устието на Црна Река во Вардар, блиску до малото место со необично име, Паликура, се наоѓа античкиот град Стоби. Да се посети Стоби во овие летни денови, значи да се доживее историјата, да се има средба со минатото на оваа територија, средба со стара цивилизација и култура, видливо присутни преку редовните ископувања и работењето на реставраторите на самиот терен.
Местоположбата е одлична, речиси научно одбрана. Врелината на летото не се чувствува поради редовното ветре што дува секојдневно, во текот на целиот ден и на некаков начин ја разбива топлината на денот, намалувајќи ја и опасноста од ковид-19.
Стоби првпат се споменува некаде околу 2 век пр. н.е. по повод победата на Филип Петти, кралот на Македонија, над Дарданците.

При самиот влез во оградената, заштитена зона на Стоби, посетителот добива силен впечаток од огромната арена, построена некаде во 2-3 век од новата ера, значи малку подоцна. Официјално градбата е наречена театар, што всушност и навистина бил, огромен, со прекрасна акустика, за повремено да биде и арена за борба на гладијатори и борба со животни. Веднаш зад него е огромната базилика со прекрасните мозаици, а до нив, онака како што се гради и сега, е крстилницата, насликана со мозаици на пауни и елени, животни што за тогашните жители, а и за нас сега имаат мистично значење. Имено, на една од нашите денешни банкноти (10 денари) е поставен и паунот, прекрасно оцртан на мозаикот на крстилницата.
Предноста на археолошкиот локалитет Стоби се состои во одличната организација на работата. Имено, уште на самиот влез во локалитетот ве пречекува професионална водачка, симпатичната Ивана.

Таа преку своите пластични приказни за животот во тие навидум мртви камења, ќе ви ја долови сликата на едно одамна заборавено време и ќе ја осмисли вашата посета. Стоби има сѐ, го има и она што го немаат многу денешни населби. Има библиотека, која била и запалена, има цистерна за вода за да се гасат евентуалните пожари, има палати во кои отседнувале императори, има голем број мали простории, кои биле работилници за производство на тековните, секојдневни потреби на населението. Хигиената била на завидно ниво, чешма среде градот, вода за пиење и капење во сите големи куќи, палати, синагога, машка голема бања, женска помала бања, градски гробишта и други погодности.

Интересно е дека имало и коцкарница, вистинско казино, зачувано до денес, а најдени се и коцкичките за играње. Стоби имал главна улица, голема порта, помала улица и низа други „градски“ решенија, кои личат на денешните современи приоди во градската урбанистика. Изобилството најдени монети од сите периоди меѓу 2 век пр. н.е. и 6 век од н.е. говори за богатиот и разновиден живот на местото и населението.
Градот почнал да пропаѓа од 5 век, кога бил разрушен од Хуните, за потоа да го запалат и Остроготите на Теодорих, за конечно да пропадне во 6 век од н.е. со нападите на Словените и Аварите. Преживеал и земјотрес, а последиците од разрушувањето се видливи и денес. Останала само величествената Епископска базилика.

Конечно, симпатичната Ивана ќе ви одржи и час по екологија. Жителите на Стоби ја носеле водата со водовод од месноста Крапа, водата и сега ја има на Крапа и е извонредна, но водоводот не бил изграден од соодветен материја, па така жителите добивале затруена вода. Тоа е и една од причините градот да биде напуштен. Сепак, тоа не е причина да не го посетиме градот, напротив.
Името Стоби најмногу е познато по винарницата со истото име, лоцирана во Градско, која ги произведува најдобрите вина во Македонија. Ако пробате и некое од вината произведени во винарницата „Стоби“, тогаш еднодневната прошетка низ античкото минато ќе биде вистинско задоволство.

Владимир Перев