БУГАРИЈА

Полицијата во Бугарија уапси 18 лица по помалите судири за време на завчерашниот протест против корупцијата во центарот на Софија, блиску до местото каде што се собраа приврзаниците на бугарската влада. На демонстрациите против корупцијата, на улица излегоа илјадници луѓе што ги обвинија главниот државен обвинител и Владата дека намерно ги одложуваат истрагите за врските меѓу бугарските олигарси и функционерите „склони кон земање мито“.
Протестите се одржаа два дена по ред откако, по наредба на обвинителството, беше извршена рација во канцеларијата на бугарскиот претседател Румен Радев, кој често ја критикува Владата.

Владејачката партија ГЕРБ, од чии редови доаѓа премиерот Бојко Борисов, соопшти дека Радев подгрева политичка криза, која, како што истакна оваа централнодесничарска партија, „може да биде само во служба на сомнителни деловни интереси“.

Претседателот Радев, во телевизиското обраќањето до народот, рече дека протестите покажале оти на Бугарите од сите политички определби им е доста од сè и ги повика Владата и главниот државен обвинител да поднесат оставка.
– Корупцијата, рекетирањето од страна на обвинителите и непостапувањето против крадците, како и недостигот од правда, е она на што луѓето се спротивставија – рече Радев.