Во ЛШ мислам дека нема изразити фаворити, вели селекторот Ангеловски, а неговиот колега Јованоски вели дека „нема фаворити што се издвојуваат, бидејќи ќе се игра по еден меч и сите осум екипи во Лисабон можат да ја освојат титулата“. Михајлов, пак, смета дека „во вакви околности многу е тешко да се предвиди кој би можел да биде во предност, бидејќи ќе се игра само еден натпревар, на неутрален терен и без публика“

ФУДБАЛ

Фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), по петмесечна пауза, треба да продолжи на 7 август, а вкупно 12 тима останаа во трка за титулата сезонава. Поради пандемијата на коронавирусот, елитното континентално клупско натпреварување беше прекинато во март, а за довршување на сезоната претрпе големи измени, па, така, првпат ќе се игра завршен турнир на едно место (Лисабон), со осум екипи, со единечни елиминациски мечеви во четврт-финалето и во полуфиналето (без реванши), сите на неутрален терен и без публика, како и со делумно изменети правила (пет измени за секој тим на еден натпревар).
По заокружување на осминафиналето (реванши на 7 и на 8 август на дуелите Манчестер сити – Реал Мадрид, 2-1 по првата средба, Баерн – Челси 3-0, Барселона – Наполи 1-1 и Јувентус – Лион 0-1), треба да следува завршен турнир во португалскиот главен град, Лисабон, за кој претходно се пласираа Атлетико, ПСЖ, Лајпциг и Аталанта. Финалето е предвидено да се игра на 23 август.

– Најбитната работа за мене е што фудбалот, по подолга пауза, повторно се игра. Не е добро што нема публика на стадионите, но во вакви околности подобро и така отколку воопшто да не се игра. Во ЛШ мислам дека нема изразити фаворити, иако тимовите што редовно играат во завршницата се со мала предност поради таквото искуство, јасно и поради квалитетот. Ќе се игра без публика, ќе ја нема т.н. предност на домашен терен, што значи дека во старт сите имаат еднакви шанси. Обично нијансите во квалитетот решаваат и очекувам истото тоа да се случува и сега – вели селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски.

Според селекторот, фаворит број 1 е Баерн.
– Баерн има одличен тим, кој сезонава ја одигра без поголеми осцилации. Секако, не помали шанси имаат Реал Мадрид, Манчестер сити, Барселона, Јувентус, речиси сите. Како фаворит од сенка би го издвоил ПСЖ, но неговиот хендикеп е долгата пауза поради прекинот на француското првенство. Аталанта и Лајпциг пријатно изненадија, со игрите и со резултатите, но прашање е дали ќе можат да се справат со притисокот од играње важни натпревари кога секоја и најмала грешка се казнува – вели Ангеловски.
Некогашниот селектор Ѓоре Јовановски сака да победи добриот фудбал.
– Фудбалот со пандемијата се промени, се игра без публика, а сето тоа влијае врз играчите. Но барем се игра фудбал, иако некако со послаб интензитет. Во ЛШ за мене нема тимови фаворити што се издвојуваат, бидејќи ќе се игра по еден натпревар, може да решава еден потег, удар, грешка, моментна инспирација, малку спортска среќа. Сите осум екипи што ќе се најдат на завршниот турнир во Лисабон можат да ја освојат титулата, зошто да не и некој од т.н. аутсајдери, ако може да се наречат така. Нема да навивам за ниту еден тим, односно ќе навивам за добриот фудбал, сакам тој да триумфира – вели Јовановски.

Горазд Михајлов, тренер на прволигашот Борец, смета дека во вакви околности многу е тешко да се предвиди кој би можел да биде во предност, бидејќи ќе се игра само еден меч, на неутрален терен и без публика.
– Сепак, мала предност ќе имаат тимовите од Италија, Шпанија и од Англија, на кои националните првенства ќе им бидат завршени само една недела или десет дена пред дуелите од 7 август. Многу тешко се темпира формата. Сведоци сме дека и најголемите екипи имаат проблеми да се вратат во нормала од секој аспект. Сепак, по продолжението на шампионатите во земјите каде што се играше фудбал, единствена светла точка од големите европски тимови е Баерн, кој импозантно ја заврши сезоната со двојна круна. Но верувам дека ќе имаат еднакво големи шанси и покрај едномесечната пауза од официјални натпревари. Англичаните, Италијанците и, пред сѐ, шпанските гиганти Реал и Барселона ќе бидат фаворити, но не смееме да ги заборавиме Атлетико и Диего Симеоне, кој знае да игра на резултат, а предност за нив ќе биде тоа што ќе се игра еден натпревар, како и Лајпциг, со своите импресивни настапи и никогаш поконкурентниот ПСЖ – вели Михајлов .Л.Д  Г.М.


Некои екипи добија и „засилувања“

Предност ќе имаат и оние екипи што на листата на повредени пред пандемијата имаа играчи што сега рамноправно конкурираат за првиот тим, како на пример Еден Азар во Реал Мадрид, Луис Суарез во Барселона, Тијаго Алкантара во Баерн и уште некои други, рече Горазд Михајлов, тренер на прволигашот Борец.
Тој смета дека доколку немаше прекин на фудбалот, шпанските екипи ќе имаа главен збор по елиминацијата на актуелниот европски шампион Ливерпул.

– Во однос на правилото за пет замени, малку се загуби смислата на фудбалот и навиката кај тренерите, кои сега, секако, имаат поголем избор, но во една ваква ситуација тоа е за доброто на фудбалерите и за нивното здравје. Тоа е и можност за тренерите и за екипите да имаат повеќе опции во текот на еден натпревар, од тактички и од физички аспект – изјави Михајлов.