ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Професионалниот велосипедист Рајан Гибонс е победник на воведната трка на виртуелниот Тур де Франс 2020, од која дел беа и минатогодишниот победник Колумбиецот Еган Бернал, како и четирикратниот победник на трката Британецот Крис Фрум (2013, 2015, 2016 и 2017 година) и неговиот сонародник Герет Томас, кој славеше на трката во 2018 година.
Јужноафрикански шампион Гибонс беше првиот што го мина виртуелното растојанието од 36,4 километри, за време од 45 минути и 17 секунди и на својот тим му ја обезбеди првата жолта маичка во дигиталното издание на Трката околу Франција.
Најблиску до Гибонс во завршницата на трката беа Канаѓанецот Пјер-Андре Коте и Австралиецот Ник Шулц, кои го загубија решавачкиот финален спринт.
Дел од виртуелната трка Тур де Франс се 23 машки и 16 женски екипи. Шесте фази на трката ќе се одвиваат во првите три викенди во јули.
Виртуелното издание на Тур де Франс е замена за 107-то издание на најголемата велосипедска трка, која беше одложена поради пандемијата на коронавирусот, а требаше да почне минатата недела во Ница.