Британската киноиндустрија се соочува со најлошата година од 1996 година па наваму, при што приходите од благајниците и рекламите се намалени за речиси 900 милиони фунти како резултат на ковид-19. Владата даде зелено светло за да се отворат повторно кината во Англија почнувајќи од 4 јули, при што се воведуваат строги мерки за безбедност, вклучувајќи задолжително растојание од две киностолчиња и забрана за самопослужување.
Сопствениците на киносалите се надеваа дека ќе бидат во можност да ги проектираат холивудските блокбастери како што се „Мулан“ на „Дизни“ и најновиот научнофантастичен филм на Кристофер Нолан, „Тенет“ кон крајот на овој месец, но на крајот на минатата недела тие наидоа на уште една блокада, кога премиерите на двата филма повторно беа одложени, за 12 и 21 август, што дополнително ќе го одложи она што и бездруго се очекува да биде бавно закрепнување.
Со распоред без нови холивудски блокбастери, кинооператорите ќе бидат принудени да се вратат на филмски класици и стари хитови, како што се „Казабланка“, „Појадок кај Тифани“, „Империјата го возвраќа ударот“ и франшизи како што се „Хари Потер“, „Самрак“ и „Брзи и бесни“.
Се предвидува британскиот бокс офис да падне за 58 отсто оваа година, од 1,25 милијарда фунти во 2019 година на 525 милиони фунти. Ова ќе биде најниската сума од 1996 година, кога филмот „Денот на независноста“ заврши на првото место од топ 10-те во кои беа вклучени „Невозможна мисија“, „Твистер“ и „Трејнспотинг“. Таа година благајниците во Велика Британија заработија 450 милиони фунти.
Сопствениците на киносалите, исто така, беа лишени од рекламни приходи со месеци. Иако се предвидуваше раст од 9 отсто за годинашните приходи на британските кина, за жал, моменталната ситуација покажува поинаква слика, предвидувајќи заработката од кинорекламите да се преполови од онаа во 2019 година и да падне на 114 милиони фунти.