Фотографката и уметница, Дона Фелдман Дејвис, ја користи голотијата за да пренесе пораки преку влијателни и понекогаш шокантни слики. Зборот „изложеност“ често се користи во нејзината работа. Нејзиното портретирање на човечкото тело изложено во различни сценарија и конотации, остава траен впечаток врз оние што ги гледаат нејзините креации. Но во време на ковид-19, зборот „изложеност“ зазема поинакво, пострашно значење за уметницата од Мериленд.
– Акт-фотографијата е моја страст. Јас сум во можност да се изразам и можам да кажам нешто преку мојата работа. Чувствував дека е важно како уметник да проговорам за пандемијата. Зборот „изложеност“ е збор што е секогаш дел од мојот свет и сакав да најдам начин да претставам нешто пред пошироката јавност за изложеноста и неизложувањето со маска – вели Фелдман Дејвис од своето студио „Провокулос“ во Овингс Милс, Мериленд.
Историски гледано, уметниците ги користеле своите платформи за да ги рефлектираат времињата во кои живеат. Фелдман Дејвис не е исклучок.
– Низ времето, луѓето ги користеле своите уметнички дела да го искажат она што го чувствуваат за тоа што се случува во светот. Одбравме да ја направиме оваа кампања каде што претставуваме модел, кој е целосно гол и изложен, но сепак моделот не ве изложува вас на опасност затоа што тој носи маска – вели Фледман Дејвис.
Иронијата е во илустрацијата, бидејќи истовремено пренесува порака за свесност за значењето на маските за лице, додека истовремени поставува и прашање.
– Чувствував дека оваа фотосесија треба да биде малку непријатна, затоа го донесов машкиот модел и го фотографирав без маска, изложувајќи ја голата моделка која носи маска. Дали таа го „изложува“ со својата голотија? Или тој ја изложува неа со тоа што не носи маска? – вели авторката.
Акт-моделката Вила Прескот, кој работеше со Фелдман Дејвис на овој проект, открива дека шок-ефектот е одличен начин за привлекување внимание на луѓето.
– Мислам дека будиме свесност на уникатен начин. Сите ние треба да носиме маски и да се заштитиме себеси и едни со други – вели Прескот.
Фелдман Дејвис, пак, се надева дека проектот ќе ни помогне да ја преиспитаме идејата за „изложеност“.
– Некои луѓе ја гледаат мојата работа и се чувствуваат навредено затоа што ги изложувам на голотија. Го гледам ова како време да кажам „не, ме навредува тоа што ме изложуваш мене и другите со тоа што не носиш маска за лице“ – вели Фелдман Дејвис.