Угостителските објекти, рестораните, кафетериите, обложувалниците во Прилеп се ослободени од плаќање комунална такса во висина од околу 3.3 милиони денари. Оваа одлука за ненаплаќање на комунална такса за користење на простор пред деловни простории за вршење на дејност, за време на вонредна состојба денеска на седница на општинскиот Совет ја донесоа советниците.
Притоа прилепските советници ја усвоија и Одлуката за давање на трајно користење на седум пречистувачи на воздух на детските градинки „Наша иднина“, кои преку општина Прилеп ги донираше Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.
На седница на Советот извршена е измена на Одлуката на УО на ЈКП „Комуналец“ со која повеќе нема да се врши наплата на средства во висина од 200 денари за издавање на одобрение за погреб. Одлуката на УО на јавното претпријатие е донесена по претходно донесено Решение и извршен надзор од страна на надлежен инспекторат.
На 44-та по ред седница беа усвоени и други одлуки, меѓу кои и Програмата за измена и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови, Одлуката за проширување на средствата на буџетот на општина Прилеп за 2020 година.

Ка.М.