Светската здравствена организација (СЗО) излезе со најнови сознанија за потенцијалната опасност за јавното здравје од луѓето кои се инфицирани од коронавирусот, но немаат никакви симптоми.
– Луѓето кои немаат симптоми на новиот коронавирус ретко ја шират инфекцијата – велиепидемиологот на Светската здравствена организација, Марија Ван Керх.
Според неа, ретки се случаите кога асимптоматските луѓе всушност го шират вирусот понатаму.
– Тоа на што ние сакаме натаму да се фокусираме е следењето на случаите со симптоми. Да ги следиме сите симптоматски случаи, затоа што знаеме дека ова е респираторен патоген. Се шири од човек на човек преку заразни капки. Ако всушност ги следиме сите случаи со симптоми, ги изолираме тие случаи, ги следиме контактите и ги ставаме во карантин, драстично ќе ги намалиме случаите – додаде таа.
Некои луѓе, особено младите и здравите, кои се заразени од ковид -19, всушност и никогаш не развиваат симтоми или пак имаат многу благи симптоми. Според неа, владите треба да се фокусираат и ангажираат на пациенти со симптоми – да ги детектираат и изолираат, наспроти асимтоматските, кои не претставуваат опасност.
Ван Керх истакна дека СЗО добива извештаи од земји што детално ги следат контактите на заразените, вклучително и асимптоматски случаии и тие земји не откриле дека пренесувањето продолжува со таквите случаи. Таа повтори дека вирусот се шири преку капки, што се ослободуваат кога некој кашла или кива.