Главната градска сообраќајница со нов лик

Прилеп

Општина Прилеп продолжува со изградба на патната инфраструктура, а моментално се работи на уредување на главната градска сообраќајница, булеварот Гоце Делчев, кој полека добива нов лик.
– Проектот за комплетна реконструкција на булеварот Гоце Делчев предвидува на едниот дел да има пешачката зона, за што веќе се поставени новите гранитни плочки, како и дактилните патеки за безбедно движење на слепите лица. Ќе има и велосипедски патеки. Булеварот ќе има две коловозни ленти, во едниот и две во другиот правец, кои меѓусебно ќе бидат одделени со зелен појас, во кој ќе биде поставено новото осветлување – велат од општината, додавајќи дека е почната и реконструкцијата на улицата Прилепски бранители.

Оваа улица е составен дел од проектот и, според предвиденото, ќе има три коловозни ленти. Изминатиот период комплетно беа рехабилитирани и реконструирани уште неколку улици и патишта, а се поставуваат бекатон-плочки на улиците Васко Карангелески, Ленин и Егејска. Деновиве инфраструктурно ќе биде уреден просторот кај зградите меѓу булеварот Гоце Делчев и Бидимаш, на потегот помеѓу детската градинка „Бончејца“ и преминот преку железничката пруга.
Според предвидената програма за работа на полето на инфраструктурното уредување на локалната самоуправа, ќе се асфалтираат улици надвор од населените места Канатларци, Ерековци и Тополчани, а планиран е почеток на изградба и на канализација во Големо Коњари.