Погребот на Џорџ Флојд, по чија насилна смрт започна бран на протести во САД, ќе се случи во четврток. Информациите ја објави гувернерот на Минесота, Тим Волц.
– Тоа ќе биде важен настан за Минеаполис и Минесота, како и за нацијата. Тој процес на славење на животот кој беше одземен пред нашите очи, е можност за издигнување и лидерство – рече Волц.
Смртта на Афроамериканецот Флојд предизвика бран протести откако се појави видео на кое се гледа дека полициски службеник го соборува на земја и го држи со коленото приклештено врз неговиот врат, осум минути додека Флојд се жали дека не може да дише.
Полицаецот беше идентификуван како Дерек Човин од Минеаполис и во меѓувреме тој беше разрешен од службата, а сега е пренесен во максимално обезбеден затвор до неговото прво појавување пред суд.
Тој е осомничен за убиство од трет степен и вознемирување, а според Би-би-си, ова е трет затвор во кој е префрлен откако беше уапсен минатиот петок, како превенција од ширење на вирусот ковид-19, но и поради очекуваното влијание на протестите во затворите.
Првото сослушување пред судот беше преместено од денес на 8 јуни, а на Човин му е изречена кауција од 500.000 американски долари.