Сторителите на убиството на поранешниот лидер на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, не се припадници на албанската заедница, покажуваат резултатите на досегашната истрага од страна на Специјалното обвинителство на Косово, пишува денешен „Коха Диторе“.
Како што јавува дописникот на МИА од Приштина, извори од косовските правни институции изјавиле за весникот дека сомнежите дефинитивно се свртени кон криминалните групи на Србите во северна Митровица.
Сепак, се уште нема конкретни осомничени лица во рамките на овие групи.
До сега Обвинителството испрашало голем број сведоци, кои, според истите извори, не дале некоја значајна информација која би водела кон расветлување на случајот.
Што се однесува до српскиот независен новинар, Стефан Цветковиќ, кој изјави дека располага со информации за сторителите на убиството и кој пред неколку недели беше испитуван од косовскиот обвинител, ниту тој не изнел некој конкретен факт, туку само пренел што чул од други.
Оливер Ивановиќ беше убиен на 16. јануари годинава пред седиштето на неговата партија во северна Митровица. Според полициските извештаи, непознати лица во него испукале шест куршуми, а потоа побегнале во непознат правец.