Претседателот Стево Пендаровски, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј.

„Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј. Ден посветен на словенските апостоли, заштитниците на Европа, кои ни оставија азбука, книги, но и животопис исполнет со давање и трпение, со скромност, благородност и непресушна верба. И по повеќе од 11 векови од нивното земско битисување делото на Кирил и Методиј е се уште живо. Во 21 век, мајчиниот јазик и неговата употреба е основно човеково право кое е универзално почитувано.

Од самиот почеток, како држава, се определивме да гледаме кон иднината, верувајќи во демократските вредности и работејќи за благосостојба на сите наши граѓани. И денес сме подготвени да подадеме рака и да го делиме местото под сонцето со сите и со секого, низ заемно почитување, пријателство и градење заедничка иднина врз основа на демократските принципи зад кои безрезервно стоиме.

Празниците во последниве месеци ги одбележуваме поразлично од изминатите години, соочени со предизвикот и опасноста од корона-вирусот. Да не дозволиме да не обземат стравот и малодушноста, да истраеме и опстоиме како одговорни и солидарни граѓани.Празниците нека ни бидат инспириција и дополнителна мотивација за да останеме дисциплинирани, внимателни и сплотени за да ја победиме пандемијата.Ви посакувам да го поминете празникот во мир, спокојство и радост. Нека ни е честит 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј“, се вели во честитката.


Спасовски: Визионерската мисија на Кирил и Методиј ја обврзува и нашата генерација на визионерство

Во име на Владата, техничкиот премиер Оливер Спасовски, им го честита на сите граѓани државниот празник 24 мај, „Св. Кирил и Методиј“ – Ден на сесловенските просветители. Видео-обраќањето на премиерот Спасовски ви го пренесуваме во целост:

„Со денешниот празник, Денот на сесловенските просветители, одбележуваме еден исклучително значаен цивилизациски процес за Северна Македонија, Европа и светот, остварен преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век.Темелот на овој процес е создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна нивните следбеници, пред сѐ, Свети Климент Охридски, ќе ја создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени и старословенскиот јазик да се воведе во црковните служби. Истовремено, тие и нивните ученици, ќе започнат и далеку поширока културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои подоцна ќе произлезе и Светиклиментовата охридска школа.

Епохалното дело на Светите Кирил и Методиј, на различните словенски народи им овозможи самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена. Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека оддаваме почит на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ги слават со достоинство и чест.Затоа и Папата Јован Павле Втори во својата енциклика, послание, од 31 декември 1980 година, ги прогласи Светите браќа за заштитници на Европа.

Во време кога се соочуваме со пандемијата предизвикана од Ковид-19, и кај нас и во светот се наметнува неопходност за една нова нормалност со поинаков начин на функционирање, вклучително и во образованието. А токму наследсвото кое ни го оставија светите браќа Кирил и Методиј не потсетува и обврзува на потребата од визионерство во организирањето на образовниот процес преку употребата на алатки што ги нуди современата технологија.

Светите браќа како покровители на просветните работници се инспирација и за нивната работа, како и за работата на образовните институции во нови услови, за да се оствари едукативниот процес за секој ученик и во оваа вонредна состојба и во оваа прилика упатувам честитки до сите вклучени во овој процес“, се вели во честитката.


Џафери: Негувајте ја мисијата на Кирил и Методиј кои направија епохално влијание врз описменувањето

Претседателот на Собранието, Талат Џафери упати честитка до граѓаните по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

„Ви посакувам срдечни желби за личен напредок и колективно негување на нивната мисија и дела со кои направија епохално влијание врз описменувањето, развојот и културното издигнување на словенските народи, затоа што нивниот неуморен труд и придонес кој ги одбележал нивните животи, е значаен не само за Македонците туку и за сите народи кои припаѓаат и ја негуваат словенската култура и јазици. Преку описменувањето и ширењето на нивното учење, тие овозможиле голем историски напредок и изградиле цела култура која и денес живее и се развива. Културите се белег на човечкиот род и затоа треба да се негуваат и почитуваат како богатство од непроценлива вредност кое насочено во позитивна насока, може да донесе само развој и напредок“, се вели во честитката.

Заев: Нека е честит денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во свое лично име и од името на СДСМ упати честитка до граѓаните по повод 24 мај – денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

„Со своето големо дело Светите браќа им го отворија патот на словенските народи, кон описменување, го поставија темелот на писменоста со што дадоа голем цивилизациски придонес.Поради нивниот придонес, обединувачки пораки и мисии, ги славиме денеска ние, но, се слават и ширум светот, а веќе се дел од европското културно и духовно наследство.

Со нивната успешна борба за признавање на словенското писмо и јазик, Св.Кирил и Методиј го афирмираа правото на еднакво признавање на секој јазик, помогнаа за културно и духовно прогледување на многу народи ширум светот. Во чест на Светите Кирил и Методиј стотици милиони луѓе ширум светот пишуваат на писмо именувано како кирилица, за чие ширење е најзаслужен нивниот најпознат ученик, Свети Климент Охридски, основоположникот на Охридската книжевна школа.Нека ни е честит денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј“, се вели во честитката на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.


Мицкоски: Не смееме да дозволиме тргување со нашиот идентитет

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитки за државниот празник, Денот на сесловенските просветители и учители, Св. Кирил и Методиј.

„На овој ден Св. Кирил и Методиј ја започнуваат Моравската мисија на која ја шират првата словенска азбука, глаголицата. Со своето творештво македонските просветители даруваа многу народи со писменост, просветлувајќи го патот на развојот и културното издигнување.

До ден денес Македонците и светот им се благодарни на македонските просветители, чествувајќи го нивното дело.Со своето творештво Светите браќа овозможија рамноправност на милиони луѓе, нивното учење треба да ни биде ѕвезда водилка и во овие тешки мигови кога Македонија и светот се соочуваат со светска пандемија, кога дома имаме економска криза и тежок живот. Нивната хуманост, посветеност и пожртвуваност нека ни биде пример за тоа како и ние треба да ги живееме своите животи, алтруистички помагајќи си еден на друг, бидејќи напредокот мора да биде заедничка цел и мисија. Само така ќе ги надминеме предзвиците и ќе создаде подобро утре за сите нас.

Нашиот јазик е нашата татковина, велеше Блаже Коневски, а нашето писмо е светлината со која се издигнуваме и културно развиваме, наше идентитетско обележје и доказ дека постоиме. Не смееме да дозволиме тргување со нашиот идентитет, и наша обврска е да се избориме за почитување на нашето наследство што е заложбина и аманет на нашите предци. Така ќе се почитуваме и себе си“, се вели во честитката.