Жителите на сиромашното предградие на Сантијаго се судрија со полицијата во знак на протест поради недостигот на храна за време на карантин поради пандемијата на коронавирус.
Демонстрантите извикуваа пароли против владата за која веруваат дека ги остави на цедило.
– Не станува збор за карантинот, на луѓето им е потребна помош во овој момент, храна – вели Вероника Абарка.
Демонстрантите фрлаа камења, а полицијата одговори со солзавец и водени топови, при што се уапсеи и неколку демонстранти.
Владата на премиерот Себастијан Пињера во петокот прогласи карантин за сите жители на главниот град, каде што се концентрирани 80 проценти од заразените со коронавирус. Но, економската активност во земјата е забавена со месеци, а најпогодени се трговијата, градежништвото и разните услужни сектори.
Општината Ел Боске соопшти дека е влошен квалитетот на животот на граѓаните и дека недостига грижа на централната власт за најсиромашните.
„Денеска протестираат жителите кои не можеа да работат повеќе од еден месец и не виделе конкретни мерки на државата“ напиша градоначалникот Сади Мело.
Уште пред кризата со коронавирус, Чиле, во коешто живеат околу 18 милиони луѓе, се соочи со социјални немири и насилство коишто започнаа во октомври по зголемувањето на цената на билетот за метрото во Сантијаго.