Попопуларните клубови во Европа се главните двигатели на трансфер-пазарот и на колективните медиумски права од кои зависи целиот фудбалски екосистем. Економски гледано, ако кризата потрае подолго, помала ќе биде можноста т.н. поголеми клубови да создадат приходи, а оттаму и последиците ќе бидат поголеми, вели Чарли Маршал, главен извршен директор на Здружението на европските клубови
Врвните европски клубови ќе се соочат со загуби од околу четири милијарди евра поради пандемијата на коронавирусот и ако ги доиграат натпреварите од сезонава, пишува „Би-би-си“. Ваквата процена на штетите се однесува и на следната сезона, во која натпреварите најверојатно ќе се играат зад затворени врати. Доколку се случи првенствата да не завршат, штетите би достигнале и до седум милијарди евра, објави „Би-би-си“.
Овие огромни суми најдобро покажуваат зашто толку многу се работи на тоа да се комплетираат сите натпреварувања, домашни и европски, како и да се почне следната сезона. Во тоа се вклучени многуте логистички тешкотии за организирање на 203 квалификациски натпревари (треба да се играат по два меча) во кои учествуваат 55-те земји-членки на УЕФА, и да бидат завршени до средината на октомври. УЕФА е посветена на завршување на своите натпреварувања, но е подготвена и за некои приспособувања, вклучувајќи играње само по еден меч или квалификации на регионално ниво.
Многубројните комитети и работни групи што ги формира УЕФА се соочуваат со многу проблеми, сфаќајќи дека влијанието на ковид-19 ќе потрае подолго време. Дури и со рестартирањето на лигите, јасно е дека во блиска иднина ќе нема гледачи на трибините. Во таква ситуација процената на Борусија Дортмунд, на пример, е дека ќе губи околу три милиони евра по натпревар, пишува „Би-би-си“.
Бизнис-аналитичарите од „Визибл“ проценуваат дека клубовите од Премиер-лигата ќе загубат речиси една милијарда евра доколку мечевите мора да ги играат зад затворени врати до крајот на сезоната 2020/2021.
Поголемите клубови, Манчестер јунајтед, на пример, ќе биде во минус од 156 милиони евра, а Арсенал од 136,5 милиони. За некои ова се смета за позитивно во израмнувањето на условите за натпреварување, кои досега им беа наклонети на поголемите клубови, а други, пак, сметаат дека е неоспорен фактот оти парите што ги создаваат врвните клубови го движат фудбалот напред, пишува „Би-би-си“
– Недостигот од приходи од денот на одигрување на натпреварите е голем проблем. Финансиски тоа влијае на сите клубови, особено на оние што се потпираат врз гледачите. Попопуларните клубови во Европа се главните двигатели на трансфер-пазарот и на колективните медиумски права од кои зависи целиот фудбалски екосистем. Економски гледано, ако кризата потрае подолго, помала ќе биде можноста т.н. поголеми клубови да создадат приходи, а оттаму и последиците ќе бидат поголеми – вели Чарли Маршал, главен извршен директор на Здружението на европските клубови.