Со нанесување на завршниот асфалтен слој, викендов, екипите на град Скопје ја финализираа првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, познатата Пластичарска улица. Скопје добива уште една современа сообраќајница која има 4 сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило.
– Изминатиов период интензивно, со засилено темпо и ноќно работење се реконструираше и прошири овој булевар којшто е еден од најважните сообраќајници во Скопје бидејќи поврзува 4 општини – Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош. Затоа, оваа реконструкцијата е посебно значајна и од особен интерес за граѓаните кои во голем број секојдневно се движат и поминуваат во овој фреквентен дел од градот – соопшти град Скопје.
Градежните работи викендов се изведуваа на потегот од крстосницата со ул. Самоилова во близина на Амбасадата на САД до влезот во касарната „Илинден“, а со реконструкцијата на улицата од клучката Бит-пазар во вкупна должина од 1.440 метри, Скопје доби уште едно ново булеварско решение.
На улицата досега беше изведена комплетно нова атмосферска канализација која не постоеше, а се изврши и целосна реконструкција и на другите подземни инсталации.
Во тек е проектирањето на втората фаза која ќе опфати градежни активности на потегот од влезот во касарната „Илинден“ до спојувањето со булеварот Словенија, како и изградба на голема клучка кај Тетовска трошарина.