Водњанска

И по 20 години куќата со бројот 23 и денес е таму!

Чудни се човековите стила, отапуваат многу бргу, па поради тоа се привикнуваат на секоја пречка, што потоа станува ординарно – обична!
Дали некој се запрашал по колку секунди заборава дека, слегувајќи, пеш или со возило, по улицата Водњанска, му пречи куќата со бројот 23, пред која нема тротоар за пешаци, а возилата мора да се престројат од две, во една коловозна лента.
Овој проблем е стар 22 години! И со зборови, проблемот на Водњанска е стар дваесет и две години!
Кога возат некој амбасадор кон неговата резиденција на Водно, веројатно тој се прашува: „Ако Македонците не можат да решат ваков мал проблем, како можат да решат поголеми проблеми!?“
Малку свежа историја: оние со бели коси помнат дека Водњанска беше обична улица, поплочена со мали гранитни коцки.

Првиот повеќепартиски градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, за да покаже дека мисли на граѓаните ја направи Водњанска асфалтен булевар.
Вториот градоначалник, Трифун Костовски, одржа прес-конференција на отворено, но и по завршувањето на неговиот мандат, куќата на 95-годишниот сопственик Крсто Тодоровски сѐ уште е таму.
Улицата пред неговата куќа прво беше оградена со бетонски одбојници, потоа со железни столпчиња, од кои денес три се веќе оштетени.
Тргнувајќи по генезата на овој „комунален проблем“, дознав што е вистинската илустрација за дволичноста на политичарите, кои во изборните кампањи ветуваат „брда и долини“, но кога ќе седнат во фотелјата за која се борат, многу бргу забораваат на изборните ветувања. Го замолив портпаролот на Собранието на Скопје, Валон, да ме упати на вистинската адреса, кој рече: „Урбанизам, кај началникот Гаџовски“.

Неговата секретарка влезе да ме најави, но за кратко излезе и ме упати кај референтите, две дами во зрели години, едната архитектка, другата дипл. правник. Изразија сочувство за талкањето на 95-годишниот Крсто Тодоровски и ми рекоа дека жалат што немаат мандат да го решат неговиот проблем. Се заблагодарив на приемот и реков дека сепак дознав дека Собранието на Скопје не може да го реши проблемот на Водњанска 23.
Не е јасно: како претседателот на РС Македонија, Пендаровски, кога слегува од неговата резиденција кон Владата или кон парламентот, не ја забележува куќата со бројот 23 што излегува на коловозот на улицата. Можеби е зафатен со читање на материјалите за средбата на кои оди.

Зошто политичките лидери, кога одат на состанок во претседателската резиденција на Водно, не ја забележуваат таа куќа што излегува на самата улица!
Ако некому во Собранието на Скопје, кога ќе го прочита ова, му текне дека треба да стори нешто пред Крсто Тодоровски да замине од овој свет.

п.с. АД „Бутел“ е закупец на просторија во приземјето на куќата на Водњанска 23, во која нуди погребна опрема, затоа што клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е прв сосед. Дали,читателите гледаат некоја симболика?
Милан Аџиевски