Утринава, на Инфективната клиника во Скопје почина познатиот македонски музичар, композитор и телевизиски водител Драган Вучиќ (65).
Тој, за жал е првата жртва на вирусот ковид-19 меѓу познатите Македонци.
Веста ја потврди министерот за здравство Венко Филипче.
– Утрово на Инфективната клиника од коронавирусот почина нашиот познат музичар, композитор и тв водител Драган Вучиќ. Тој беше хоспитализиран пред осум дена откако состојбата му се влошила и од тогаш е лекуван на оделението за интензивна нега. И покрај сите напори на лекарите и целиот стручен тим, Вучиќ со многу тежок наод на белите дробови, за жал, му подлегнал на вирусот. Упатувам искрено сочуство до семејството и блиските – напиша министерот Филипче на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Драган Вучиќ е роден во Скопје 1955 година. Изгради успешна музичка кариера и на сцената е повеќе од 40 години. Потекнува од музичко семејство и беше еден од најдобрите басисти на Балканот. Во помладите денови членувал во повеќе групи, а најголем успех постигна со групата „Кода“.
Компонирал голем број македонски хитови, меѓу кои најпознати се: „Свирете ја зајди, зајди“, „Ангели ме носат“ и „Кажи ѕвездо“. Беше автор и на песната „ Make My Day“, со која Мартин Вучиќ настапи на „Евровивија 2005“.
Драган Вучиќ беше и познат телевизиски водител на голем број емисии кои беа многу популарни кај гледачите, меѓу кои се „Вашите пет минути“,„Среќни луѓе“, „Возење со Вучиќ“ и други. Последниот негов серијал е „Гурмански муабети“ што се емитува на ТВ Телма.