Во Карпош 1 се обележуваат пешачките премини
Во урбаната заедница Карпош 1 веќе започна обележувањето на пешачките и на велосипедски делови по должината на улиците Орце Николов и Никола Тесла. Надлежните велат дека преземањето вакви инфраструктурни интервенции, како што е освежувањето со нова боја на хоризонталната сигнализација, првенствено е поради фактот што тоа придонесува за регулација и зголемена безбедност во секојдневниот сообраќај. Со овие активности најавуваат дека ќе продолжат и во претстојниот период и по други населби во Карпош.
– Локалната самоуправа продолжува со унапредување на безбедноста во сообраќајот, кое покрај тековно одржување на хоризонталната и на вертикалната сигнализација опфаќа и воспоставување нови сообраќајни режими за движење на возилата и граѓаните, при што доминираат еднонасочните улици – појаснуваат од Општина Карпош.
Општина Бутел со акција за донирање компјутери за учениците што немаат
„Да им помогнеме на дечињата, на кои најмногу им треба компјутер“ е насловена хуманитарната акција што ја започна Општина Бутел. Целта е преку донирани компјутери од граѓаните да се обезбедат компјутери за децата што ги немаат во своите домови, а им се неопходни за да бидат вклучени во изведувањето на онлајн-наставата, која веќе се практикува.
– Со почетокот на изведбата на онлајн-наставата за учениците, која почна како последица на затворањето на училиштата поради пандемијата на коронавирусот, увидовме дека секое семејство нема дома компјутер за своето дете ученик. Од таа причина, доколку некој од вас има персонални компјутери што не ги користи или такви на кои кои им се потребни поправка или дополнителна инсталација (куќиште, монитор, тастаура, приклучоци и маус) нека ги донира во Општина Бутел. Општина Бутел и ИТ-секторот ќе ги оспособуваат технички донираните компјутери, кои ќе ги добијат овие деца – објаснуваат од Општина Бутел.
Најпрвин оспособените компјутери ќе бидат поделени во општинските основни училишта, а директорите на училиштата ќе ги поделат според веќе добиените списоци со имињата на родителите, кои образложиле дека нивните деца не можат да ја следат наставата и затоа веќе поднеле барања за компјутер.
Со мотото „Да бидеме хумани да си помогнеме во корона-кризата сите заедно“ надлежните апелираат сите заеднички да се вклучат во акцијата за таа да успее и да биде дониран компјутер за секој ученик од социјално загрозено семејство.