Приштина – Кандидатот за нов премиер на Косово, Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово, за вчера најави дека партиите ќе потпишат договор за нова владејачка коалиција и ќе го најават составот на новата влада. По состанокот со претседателите на Алијансата за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива, Рамуш Харадинај и Фатмир Лиам, тој рече дека разговорите за коалицијата завршиле и дека има договор со повеќето партии.
– Коалицијата ќе го вклучува и Новиот косовски сојуз на Беџет Пацоли – рече Хоти.
Демократската партија на Косово најави дека нема да гласа за ниедна влада освен ако не е нејзина и ќе остане во опозиција. (РСЕ)
Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави постепено ублажување на рестриктивните мерки, така што ќе почнат со работа помалите трговски продавници, како и фризерските и козметичките салони.
– Бидејќи помина првиот бран од вирусот, сега сме подготвени да преминеме на втората фаза, а тоа е постепено ублажување на рестриктивните мерки – изјави Мицотакис во телевизиско обраќање.
Грчкиот премиер рече дека на 4 мај ќе бидат укинати рестрикциите за движење на граѓаните, а одделни продавници и јавни служби повторно ќе бидат отворени. Тој додаде дека движењето на граѓаните ќе биде ограничено на зоната во која живеат. („Долче веле“)
Бисер балкански
Препораки за ковид-туризам
Од домот до дестинацијата“ е мотото под кое би се одвивал туризмот во Хрватска од први јуни., доколку тоа го дозволи епидемиолошката состојба, и тоа само од земјите во кои нема поголем број заболени од коронавирус. На овој начин туристите од Германија до Истра би се движеле по точно определени места до крајната дестинација, без да скршнуваат на Плитвички Езера.
Хотелите ќе спроведуваат постапка за дигитално чекирање, а гостите ќе ја отвораат собата со мобилен телефон, со соодветна шифра, без да имаат контакт со рецепцијата. Гостите може да избираат дали да им се чисти собата за време на престојот.
Хотелските ресторани ќе работат само за постојаните гости, со намален број на места за седење, на растојание од два метра. Келнерите редовно ќе носат маски и ќе користат заштитни средства за дезинфекција на мебелот и на приборот за јадење.
Се предвидува и поставување плекси-бариери и вентилациски систем со јонизирачки воздух и антисептички средства.Сместувањето во индивидуални објекти ќе биде можно со поседување писмо за виза или т.н. здравствен пасош.