Општина Аеродром одржа прва онлајн-седница
Во услови на вонредна состојба, Советот на Општина Аеродром ја одржа првата онлајн-седница, но 39-та по ред од досега одржаните. На седницата, меѓу другото, беше донесена одлука за ослободување од закупнина на корисниците на деловен простор на подрачјето на Општина Аеродром за време на вонредната состојба. Исто така, Советот на Општина Аеродром на Полициската станица во Аеродром ѝ додели на привремено користење движен имот без надоместок за справување со коронавирусот.
– Советниците изгласаа доделување финансиска поддршка на Црвен крст на Македонија за справување со ковид-19. Во таа насока беше донесена и одлуката за користење средства од постојната резерва од буџетот на Општина Аеродром за 2020 година, со намена за преземање мерки и активности поврзани со кризата – информираат надлежните од локалната самоуправа на оваа скопска општина.
Првпат онлајн-седница завчера одржа и Општина Бутел, а советниците заседаваа по 35-ти пат.
Сезонски работници во Чаир ги метат улиците
Вработените од јавното претпријатие „Шкупи вјетер“ во Општина Чаир го продолжија секојдневното рачно чистење на улиците. Во акцијата деновиве ги ангажираа сезонските работници што чистеа во делот на населбата Топанско Поле.
– Рачно со метли ги исчистија најпрвин на улицата Ферид Мурати и на улицата Лазо Трповски во делот на комплексот „Принц“. Со метли рачно ќе продолжат да чистат и наредниве денови – велат од Општина Чаир.
Заштитен браник на улицата 6 во Булачани
Општина Гази Баба постави заштитен браник на улицата 6 во населеното место Булачани. Браникот е во должина од 60 метри и поставен е во делот што секогаш претставуваше опасност за сите учесници во сообраќајот. На опасноста од секаков ризик реагираа и тамошните жители, кои честопати беа сведоци на разни инциденти.
– Сега заштитниот браник во селото Булачани е поставен. На овој начин ја решаваме опасноста за сите учесници во сообраќајот на овој дел од улицата 6 – велат од Општина Гази Баба.