Вооружениот напаѓач кој го изведе досега најтешкото вооружено пукање во Канада го започнал нападот пукајќи кон неговата девојка. Таа за време на нападот се скрила во блиската шума и е клучен сведок во истрагата што следува, пренесува Би-би-си.

Габриел Вортман уби 22 лица во период од 12 часа во Нова Шкотска. Некои од неговите жртви биле луѓе кои ги познавал, како и луѓе кои се затекнале на самото место. Дел од нив се обиделе да им помогнат на повредените за време на пукањето, а поради тоа и самите настрадале од напаѓачот. 

– Мојот татко почина обидувајќи се да им помогне на некои од жртвите. Доколку го познававте, знаете дека тој сакаше да помага на сите – напиша на Фејсбук Шарли Багли за нејзиниот татко Том Багли.  

Вортман за време на нападите возел автомобил сличен на полициски и бил облечен како полицаец. Се претпоставува дека ги сопирал жртвите и ги убивал. Полицијата сѐ уште го нема откриено неговиот мотив. 

Откако полицијата дошла на местото на првиот напад, девојката на Вортман излегла од блиската шума во која се криела. Таа ги известила дека тој ја нападнал, дека поседува неколку автомобили слични на полициските, како и дека е вооружен со огнено оружје. 

Полицијата го уби Вортман во престрелка во неделата претпладне во близина на Халифакс, главниот град на Нова Шкотска.