Премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј, денеска со писмена честитка адресирана до премиерот Зоран Заев, го честиташе постигнатиот договор помеѓу Република Македонија и Република Грција, како и неговата ратификација во Собранието на Република Македонија.
– Вакво значајно постигнување не би било возможно без политичката храброст, визија и лидерство, какви што двајцата покажавте. Како што претходно разговаравме во Скопје, решавањето на ова прашање ќе донесе енормни придобивки за двете држави, како и за поширокиот регион – стои во писмото од премиерката Тереза Меј.
Таа, во писмото додава и дека конечно после 25 годишниот спор, желбите на огромно мнозинство граѓани, кои сакаат да ја видат својата земја како членка на НАТО и ЕУ, ќе ги отвори вратите за овие аспирации.
– Како долгогодишен пријател, Обединетото Кралство ќе продолжи да ја поддржува Македонија во патот на пристапувањето кон членството во Евро-атлантскиот сојуз, како и во мирот и просперитетот, што овие аспирации, како и останатите реформи ќе го донесат за Вашата земја, и за регионот како целина – се истакнува во писмото на премиерката Меј.