Владата еднострано го раскинува договорот со концесионерот на Казандол, објави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев.
– Владата на РМ е посветена целосно на економскиот раст и заштита на здравјето на граѓаните. Здравјето на граѓаните е над било кој приватен интерес и еколошката безбедност на државата над било кој приватен интерес. Оваа порака ја испраќаме до граѓаните на Валандово, Богданци, Дорајн, но и до сите жители на РМ. Владата денеска донесе одлука за еднострано раскинување на договорот за концесија на Казандол бидејќи концесионерот не ја исполнил обврската од Договорот за концесија во рок од две години од денот на доделување на концесијата да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар – рече премиерот Заев.
Како што додаде предвидениот рок од две години од Договорот е суштинска состојба на Договорот бидејќи е даден и како услов во јавниот повик и оти доколку не се раскине договорот и не се постапи законски Македонија може да биде тужена од други потенцијални концесионери.
Одлуката влегува во сила наредниот ден по објавување во Службен весник.