Шведска, која има меѓу најрелаксираните ограничувања против пандемијата на ковид-19 во Европа, го отвора патот за нови закони што би можеле да доведат до строг режим на движење на национално ниво откако бројот на смртни случаи се приближи до 500, пренесува „Афтонбладет“.
Властите објавија дека од понеделникот, Шведска, која има население од 10,2 милиони, има вкупно 7.206 потврдени случаи на коронавирус и 477 смртни случаи. Како резултат на тоа, владата се подготвува да ја зголеми сопствената моќ за можно воведување строг режим во текот на месецов.
Министерката за социјална политика, Лена Халенгрен, изјави дека актуелниот Закон за заштита од инфекции не ѝ дава на владата доволна моќ да нареди строг режим на движење сличен на оние што веќе се во примена во Франција или Велика Британија.
Во споредба со Велика Британија или Германија, каде што се забранети јавни собири од повеќе од двајца, во Шведска можат да се соберат групи и до 50 лица.
Предлогот во сегашна форма ќе ѝ овозможи на владата да дејствува без да има потреба од консултантирање со парламентот, мерка на која се противат Демохристијаните од десниот центар, чиј лидер Ебаба Буш Тор изјави дека е потребен парламентарен надзор.
Лидерот на популистичката Шведски демократи, Јими Акесон, изрази слично мислење, велејќи дека се подготвени да го отфрлат предлогот на владата ако не биде приспособен на нивните барања.
Во меѓувреме, иако Шведска им овозможи на многу бизниси да останат отворени, вклучувајќи ги рестораните и трговските центри, шведската економија сè уште забележува значителни ефекти од појавата на коронавирусот.
Во понеделникот, главната аналитичарка на шведската Служба за вработување, Аника Сунден, изјави дека од 1 март досега 50.000 луѓе биле известени дека ќе ги загубат своите работни места.
– Минатата недела имаше значителен прилив од луѓе кои аплицираат поради невработеност во Службата за вработување. Минатата недела 25.350 лица се регистрираа како невработени. Ова е многу висока бројка, повисока од секоја индивидуална недела за време на финансиската криза – рече Сунден.