Граѓаните, фирмите , институциите на кои природата на работата им дозволува работење од далечина, веќе функционираат спроведувајќи ги препораките за самоизолација. Но како функционираат политичките партии, а како партиските лидери? Дали и како партиските штабови генерираат политики во вакви околности за своите граѓани и својата држава, заради успешен излез од корона ќор-сокакот
Самоизолацијата, како мерка за превенција, е и една од клучните препораки на СЗО и на Министерството за здравство, за спречување на ширењето на коронавирусот. Граѓаните, односно оние фирми и институции на кои природата на работата им дозволува работење од далечина, веќе функционираат спроведувајќи ги препораките за самоизолација. Но како се одразува тоа врз лидерите на политичките партии и како функционираат тие во вакви околности.
Лидерот на владејачката партија СДСМ, Зоран Заев, изјави дека ќе ги почитува препораките на СЗО и на Министерството за здравство за превентивна изолација, односно ќе се потруди да функционира со колку што е можно поголемо избегнување директни контакти, а повеќе со користење на современите средства за комуникација. Од тој период, забележливо е дека и неговите обраќања во јавноста се повеќе како видеопораки од седиштето на партијата, без присуство на партиските членови како поддршка, што беше вообичаено претходно.
Претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, говори за своите искуства и активности во периодот на самоизолација, но првично инсистира на почитување на мерките од СЗО за заштита од коронавирусот, за што дава и личен пример.
– Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја иницирав и учествував во кампањата #ЗатоаШтоСекојЖивотВреди, за подигнување на свеста кај народот за почитување на мерките од СЗО за заштита од коронавирусот, а секојдневно давам и личен пример. Ги почитувам мерките за заштитата на моето семејство, на моите соработници и не се изложувам непотребно на контакти со луѓе. Ги почитуваме мерките, а како што знаете баравме и многу поригорозни мерки за заштита. Да, сето тоа влијае на работната динамика, која повеќе се темели на посредна електронска комуникација, онолку колку што тоа го дозволуваат темите. Но почитувањето на мерките не ја намалува грижата – вели Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата ДУИ потврдуваат дека лидерот Али Ахмети, како и повеќето партиски функционери се во самоизолација од 14 март, кога на лидерската средба во Владата беше договорено одложување на изборите. Иако изборните активности се ставени на чекање, ставот е дека партијата треба да биде подготвена во секој момент да продолжи со нив, па разговорите, состаноците и воопшто комуникацијата се одржуваат од далечина преку видеоконференции.
Солза Грчева, лидерка на партијата Глас за Македонија, се надева дека по завршувањето на вонредната состојба нема веднаш да се влета во изборна кампања, зашто тоа го носи ризикот од втурнување во нов бран на ширење на вирусот.
– Тешко е да се спроведува некоја интензивна партиска активност во услови на социјална дистанца, но сепак како одговорни политичари и граѓани ги почитуваме препораките за самоизолација. Комуницираме преку интернетските алатки за комуникација, телефонски, преку социјалните мрежи и ги разгледуваме можностите за одржување на изборите.
Но сметам дека порано требаше да се согледа оваа ситуација, со опасностите и заканите од вирусот, уште кога се појавија случаите со заболени во Европа. Ние во меѓувреме започнавме интензивни изборни активности и тоа во услови кога вирусот веќе беше присутен и во Македонија. Ниту партијата, ниту политиката не се поважни од здравјето на луѓето и сега сите треба да бидеме конструктивни и да дадеме поддршка на мерките за спречување на ширењето на вирусот – вели Грчева.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, исто така ја почитува препораката за самоизолација и смета дека и политичарите, еднакво како и граѓаните, треба да се однесуваат одговорно во однос на преземените мерки во борбата со коронавирусот. Партиските активности и контакти главно се одвиваат преку телефонска и интернетска комуникација, а и гостувањата во телевизиските медиуми, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, главно ги реализира преку видеоврска.
– Како и сите граѓани и ние се обидуваме на секој начин да се приспособиме на овој нов привремен начин на живеење, почитувајќи ги сите мерки, кои, секако, се за да се заштити нашето сопствено здравје, како и јавното здравје. Наша среќа е што живееме на време на развиена технологија, така што и работните активности во значителна мера имаме можност да ги извршиме од дома. Приоритет на мојата работа како и секогаш и сега во оваа вонредна состојба се граѓаните и нивната благосостојба, затоа цело време внимателно ја следиме целата ситуација со коронавирусот и работата на Владата при управување со состојбата. За жал, во однос на управувањето не можеме да кажеме дека сѐ оди во најдобар ред, затоа Алијанса за Албанците цело време упатува препораки до Владата за сите заедно да придонесеме и што е можно побрзо да се вратиме на нормалниот живот без сериозни последици – вели Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците.
Петар Богојевски од Македонски концепт, истакнува дека како политички субјект, дисциплинирано се придржуваат до препораките за самоизолација и начинот на функционирање го приспособиле соодветно на условите.
– Само еднаш отстапивме од препораките за самоизолација и тоа кога дониравме средства за заштита од коронавирусот (маски, ракавици и средства за дезинфекција) на неколку здравствени и згрижувачки установи, кои ги набавивме со пренамена на средствата за изборната кампања – вели Петар Богојевски.