Министерството за внатрешни работи има информации за злоупотреби на дозволите за движење во ноќна смена од компании кои добиле такви дозволи, извести заменик – министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска. Сите информации ќе бидат проверени, а за евентуалните сторители заменик – министерката најавува најстроги казни.
– Почнавме истрага која треба да ги потврди или да ги отфрли добиените информации. Доколку има и еден случај на злоупотреба, ќе постапиме крајно рестриктивно и ќе ги примени сите мерки кои стојат на располагање. Нема да се двоумиме тие лица да ги лишиме од слобода, да побараме притвор и затворски казни за евентуалните сторители – рече заменик – министерката Петровска.
Доколку се утврди злоупотреба МВР ќе побара ограничување или одземање правото за движење во време на полициски час на фирма која ја сторила злоупотребата, а лицата кои го сториле тоа ќе бидат гонети за кривично дело.
– Свесни сме дека мерките за ограничување на движењето не се воопшто едноставни мерки. Свесни сме дека ги ограничуваме нашите животни навики но недозволиво е поединци да мислат дека може да го изиграат законот – вели Петровска.