„Сантијаго Бернабеу“ ќе биде магацин, „Маракана“ интервентна болница, а „Сентанарио“ дом за бездомници
Стадионите на кои се играни епски фудбалски натпреварувања, „Сантијаго Бернабеу“ (Шпанија), „Маракана“ (Бразил) и „Сентанарио“ (Уругвај), се ставија во служба на борбата против коронавирусот, кој ги запира сите сфери на живеењето, вклучувајќи го и спортот, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Фудбалскиот клуб Реал Мадрид му го отстапи својот стадион „Сантијаго Бернабеу“, каде што е играно финалето на Светското првенство во 1982 година, кога титулата ја освои Италија, на шпанското здравство да го користи како магацин за време на пандемијата. Локалните власти таму ќе можат да складираат медицински материјал и сѐ друго што е потребно во борбата против ширењето на коронавирусот.
Домаќин на првото Светско првенство во 1930 година, стадионот „Сентанарио“ во Монтевидео, кога Уругвај ја освои првата титула, ќе биде адаптиран како дом за бездомниците, кои се под заканата од коронавирусот.
Бразилската гордост, еден од најголемите стадиони во светот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, домаќин на мундијалските финалиња во 1950 (втора титула за Уругвај, по мечот со домаќинот) и во 2014 година (Германија четврти пат стана планетарен шампион), ќе биде претворен во итна интервентна болница.