Според претседателот на УЕФА, Чеферин, во моментов „постојат планови А, Б и В“, за продолжување на натпреварите кон средината на мај, во јуни или на крајот од јуни, но и можност повторно да се игра во почетокот од следната сезона, која, пак, би почнала подоцна. Сезоните во сите европски лиги би можеле да завршат и со мечеви без публика

ФУДБАЛ

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Словенецот Александер Чеферин, изјави дека тековната фудбалска сезона во Европа би можела да биде загубена, доколку не продолжи најдоцна до крајот на јуни.
Повеќето фудбалски лиги во Европа се суспендирани поради пандемијата на коронавирусот, завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) од годинава е одложен за следната година, а мечевите од европските купови, кои требаше да завршат кон крајот на мај, се, исто така, одложени
Според Чеферин, фудбалските сезони во Европа би можеле да завршат и со натпревари зад затворени врати. Во изјавата за италијанскиот дневен весник „Ла република“, што ја пренесува „Би-би-си“ тој рече дека „постојат планови А, Б и план В“.

– Ако не успееме со рестартирањето, сезоната веројатно ќе биде загубена. Трите опции се натпреварите да почнат одново кон средината на мај, во јуни или во крајот од јуни. Исто така, постои можност повторно да се почне во почетокот од следната сезона, која, пак, би почнала да се игра подоцна. Треба да го видиме најдоброто решение за лигите и за клубовите – рече Словенецот.
Чеферин (52) вели дека одигрувањето на преостанатите натпревари од сезоната зад затворени врати би требало да биде опција низ цела Европа и оти тоа е приоритет за Европската фудбалска унија.

– Тешко ми е да ги замислам сите натпревари зад затворени врати, но сѐ уште не знаеме дали ќе продолжиме, со или без гледачи. Доколку нема друга алтернатива, подобро ќе биде така да ги завршиме шампионатите – рекол Чеферин.