Дваесет здруженија и активистички групи за заштита на животни од целата земја, од властите бараат да се регулира прашањето со шетањето на домашните миленици во текот на полицискиот час.
Во заедничкото обраќање до премиерот и министерот за здравство, здруженијата најпрво бараат дозвола за изнесување миленик во рамки на полициски час во радиус од 200 метери од живеалиштето, по примерот на сите европски земји каде што има воведено полициски час и ситуацијата со коронавирусот е регулирана на истиот начин.
Здруженијата објаснуваат дека во прашање е хуманиот третман на животните, а не каприц на сопствениците.
Покрај ова се бара властите да овозможат дозвола за посета на дежурна ветеринарна служба во рамки на полицискиот час во случаи на животозагрозувачка состојба на миленик.
Велат дека треба да се разгледа и можноста за помопш од трети лица за изнесување миленик кога сопствениците на миленици се недоволно подвижни со цел да се сведе на минимум движењето на граѓаните во време на полициски час.
Во овој предлог на здруженијата се опфаќа и лицата над 67 години кои се самостојни и подвижни самите да имаат право да ги изнесуваат своите миленици во радиус од 200 метри од своето живеалиште задолжително со маска и со ракавици.