Професионалните тенисери од целиот свет престанаа да се натпреваруваат, но за разлика од оние најдобрите, кои имаат финансиски средства да се издржуваат неколку месеци, послаборангираните сега се во тешка ситуација, се вели, меѓу другото, во петицијата иницирана од Грузијката Шапатава
Повеќе од 800 професионални тенисери и тенисерки од целиот свет ја потпишале онлајн-петицијата што ја иницирала Грузијката Софија Шапатава (31), во која се апелира тениските челници финансиски да им помогнат на послаборангираните тенисери и тенисерки, додека е прекината натпреварувачката сезона поради пандемијата на коронавирусот.
Шапатава нагласува дека сите послаборангирани тенисери и тенисерки на АТП и на ВТА-листата, поради пандемијата сега се препуштени сами на себе, бидејќи едноставно нема турнири каде што би заработувале пари за живот. Нејзината иницијатива е прифатена од многу нејзини колеги и колешки.
– Професионалните тенисери од целиот свет престанаа да се натпреваруваат, но за разлика од оние најдобрите, кои имаат финансиски средства да се издржуваат неколку месеци, послаборангираните сега се во тешка ситуација. Многумина нема да можат да се издржуваат, а потоа да се вратат во игра по три месеци без настапи. Надлежните во тенисот треба да помогнат во обезбедувањето на играчите, или барем да им помогнат во овие тешки времиња за нашиот спорт – пишува, меѓу другото, во петицијата потпишана од Шапатава, која моментно е на 371-то место на ранг-листата на ВТА.
Професионалниот тенис е суспендиран и нема да продолжи барем до 7 јуни. Г.И.