Еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, денеска со писмо го информираше премиерот, Оливер Спасовски, дека тој веќе издал инструкции четири милиони евра од инструментите за ЕУ интеграција да бидат пренасочени за итни потреби на Македонија, соопшти Владата.
Вархеји во писмото наведува дека се разгледува начин наградата за успешност од 50 милиони евра за државата првично наменета за инфраструктура и животна средина, да биде пренаменета за ублажување на социјални и економски штети предизвикани од кризата.
Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји истакнува дека во итна процедура е ставена постапката за доделување девет милиони евра за поддршка на ликвидноста на малите и средни компании, а три милиони евра ќе бидат наменети за директна буџетска поддршка.
Вархеји во писмото до премиерот Спасовски наведува дека во период кога Европа и светот се соочуваат со криза предизвикана од пандемија на вирусот ковид-19, во соработка со меѓународните финансиски институции се разработуваат проекти за ублажување на финансиските проблеми и менаџирање на кризата во Македонија и во регионот.
Еврокомесарот Вархеји во писмото информира дека во соработка со Советот за регионална соработка, Секретаријатите на ЦЕФТА и на Транспортната заедница се утврдуваат начините за непречен транспорт на стоки во регионот и во Европската Унија.