Од таму известија дека сите потрошувачи кои нема да успеат до крај на март да склучат договор за набавка на електрична енергија и да изберат снабдувач поради вонредната состојба со коронавирусот, ќе продолжат да бидат снабдувани од ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, како снабдувач во краен случај со електрична енергија, во согласност со препораката на Владата на Република Северна Македонија.
Владата донесе заклучок во кој му препорачува на ЕВН ХОМЕ, како снабдувач во краен случај со електрична енергија, да ја разгледа можноста за продолжување со снабдување со електрична енергија на сите правни лица кои требаше самостојно да набават електрична енергија по 31.03.2020 година. Во исто време им се препорачува на сите правни субјекти, кога ќе се создадат услови, да ги преземат сите потребни активности за избор на снабдувач со електрична енергија од отворениот пазар.
– Сакам да ги повикам сите јавни институции и сите правни субјекти да пристапат сериозно и одговорно и веднаш штом се надмине оваа состојба да ги преземат сите неопходни активности со цел да излезат на слободниот пазар на електрична енергија, самостојно да изберат свој снабдувач со електрична енергија и да ги договорат меѓусебните услови на снабдувањето, вклучително и цената на електричната енергија. Потрошувачите коишто се во фаза на набавка на електрична енергија истата во предвидените рокови соодветно да ја завршат и да направат избор на снабдувач со електрична енергија – изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Според листата на потрошувачи од Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје најголемиот број на потрошувачи се општини, установи, акционерски друштва формирани од Владата на Република Северна Македонија, јавни претпријатија, претпријатија формирани од општините, училишта, здравствени установи и друго