Ансамблот „Танец“ секоја сабота, почнувајќи од оваа, на својот јутјуб-канал ќе овозможува ексклузивно следење на сите свои концерти од минатогодишната јубилејна сезона, која се одвиваше под мотото „Остани во чекор“. Серијата концерти одржани во 2019 година, во знакот на 70-годишнината од основањето на ансамблот, беа снимени во рамките на посебен проект, кој НУ „Танец“ лани го почна како дел од новата стратегија за заштита на културното и нематеријалното богатство.
Овие концерти (Велигденскиот и Јубилејниот концерт во МОБ, Новогодишниот концерт во МНТ, концертите во Струмица, Прилеп, Охрид, Велес и Битола, како и два концерта од минатогодишните гостувања на ансамблот во странство) се во трајна сопственост на институцијата и тие се достапни за сите оние медиуми што ќе имаат интерес да ги емитуваат.
Првиот концерт што ќе биде емитуван оваа сабота е спектакуларниот јубилеен концерт „70 години – остани во чекор“, одржан на 25 јуни во Националната опера и балет, а тој како и сите следни концерти ќе биде достапен за еднонеделно гледање.